Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, направил сообраќаен прекршок паркирајќи се погрешно на улицата Новачки пат. Фотографиите со погрешно паркираното возило беа објавени на социјалните мрежи, по што реагираа неговите политички противници.
„Градоначалник за пример! Без разлика што е во заминување, Коњановски треба да ги почитува прописите секогаш. Се надевам нема да се правда дека не е негова колата, дека друг ја паркирал вака синоќа или, не дај Боже, му се расипала. И за тоа има правила и прописи како се постапува“, рече Методија Куновски од СДСМ.
Коњановски на неговиот фејсбук профил призна дека направил сообраќаен прекршок, но воедно истакна дека не е над законот и дека ја платил глобата. Тој го објави и платниот налог на кој пишува дека е издаден денес за прекршок по член 63 став 1 од Законот за безбедност во сообраќајот.
„Категорично ги демантирам сите објави дека јас сум се поставил над законот. Пред законот сите граѓани сме еднакви. Верувам во ред, одговорност и еднаквост пред законот. Токму затоа, казната за сторениот сообраќаен прекршок ја платив веднаш, без двоумење. Секој од нас треба да биде пример, коректор на себе, а потоа и пример за другите. Не се кријам, не се оправдувам и не барам никаква привилегираност“, напиша Коњановски.