(АРХИВА-2) Откриени нови станови на Груевски и атрактивна парцела на Водно!

by fokus 19:15
19:15

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во број 1.327, на 10 март 2021 година.

Бегалецот Никола Груевски веќе трета година живее во Будимпешта, а зад себе ги остави семејството, како и поранешните блиски соработници, кои ги отплаќаат и неговите гревови. Но, тука е и неговиот нелегално стекнат имот, кој, иако е затскриен зад лажни сопственици на хартија, сепак, излегува на виделина.

- Advertisements -

Засега, обвинителството му откри неколку станови и околу 20.000 квадратни метри земјиште на атрактивни локации

Пишува: Валентина ВУРМО

Тајниот имот на актуелниот бегалец и поранешен премиер Никола Груевски полека излегува на површина. Од само деклариран бескуќник, без ниту еден стан, куќа или нива, додека седеше на луксузната фотелја во белиот дворец, но и на онаа на Илинденска, сепак, излегува дека не бил сиромав, туку имотен политичар, и тоа не просечен, туку милионер.

Неговиот имот се разоткрива во истрагата „Плацевите на Водно“, па како што дознаваме, освен плацеви и ниви, Груевски располага и со неколку стана, скриени зад туѓа сопственост на хартија.

Единствено, се чини, не му се исполнила желбата да изгради луксузна хациенда на Водно, но и тоа што го поседува не е за занемарување.

ГРУЕВСКИ ВО ЗГРАДАТА НА БИХАЌКА ИМА 4 СТАНА?!

Пред да избега во Будимпешта, Унгарија, Груевски со години живееше во стан во зграда на улицата Павел Шатев, или поранешна Бихаќка. Тој никогаш не откри на чие име е станот, а не го признаваше ниту за свој, бидејќи не го пријавуваше во анкетните листови.

Всушност, Груевски живеел во дуплекс, односно два споени стана, со вкупна површина од над 140 квадратни метри, но тоа не е сѐ. Како што дознаваме, тој наводно поседува уште два соседни стана во истата зграда. Едниот е со големина од 57 квадратни метри и плус 8 квадрати балкони, а официјално е запишан на име на правен субјект, односно на фирма.

Дента кога избега, полициски екипи му тропнаа на врата и го пребараа дуплексот, но никој не влегол во другите два стана, во кои, пак, можеби го планирал бегството и незабележливо избегал.

Становите на екс премиерот уште во 2011 година ги пребројуваше тогашната опозициска СДСМ. Најпрвин го обвинуваа дека семејството Груевски во периодот од 2000 до 2002 поседувал четири стана, а потоа се коригираа дека не биле четири, туку шест.

– Два стана на улицата Владимир Комаров со вкупна површина од 124 м2, два стана на улицата Бихаќка со вкупна површина од 143 м2, еден стан на улицата Васил Ѓоргов од 86 м2 и еден стан на непозната адреса од 57,29 м2. Значи, семејството Груевски во овој период поседувало недвижен имот со вкупна површина од фантастични 410 м2, обзнани тогаш Гордан Георгиев од СДСМ.

Испровоцирани од Георгиев, од ВМРО-ДПМНЕ индиректно признаа дека Груевски, затскривајќи го зад неговата мајка Надежда Груевска, има три стана. Односно, поседувала два „мали“ стана купени на кредит. Тогаш излегоа и официјални информации објавени од УЈП, дека мајката на премиерот поседува два стана на Бихаќка. Но, другите два никогаш не беа споменати.

За станот на Васил Ѓоргов од партијата на Груевски реагираа дека го има уште од 1986 година, но ниту тој не беше пријавен во анкетниот лист, иако Груевски, додека беше пратеник, живееше во заедница со својата мајка.

КУПУВАЛ ИМОТ СО ПАРТИСКИ ПАРИ, А ГО КРИЕЛ НА ИМЕ НА ФИРМИ

Освен становите, на виделина излегоа и плацевите на Груевски. Во 2015 година, СДСМ откри дека тогашниот премиер поседува неколку градежни парцели на Водно, каде што наводно имал намера да гради хациенда, но и згради. Но, како и становите, и овие парцели ги чувал далеку од очите на јавноста, затскриени зад лажни сопственици.

Со објавувањето на „бомбите“, неговата имотна мистерија почна да се разоткрива, а обвинителството е на пат да докаже дека, всушност, не бил безимотен. Тие тргнаа со сомнеж дека Груевски со партиски пари си купил 11.000 квадратни метри атрактивно земјиште на Водно, но, како што дознаваме, на површина излегува и нов имот, за кој досега јавноста не слушнала.

Истрагата, која пред пет месеци ја отвори обвинителството, „Плацевите на Водно“ потекнува од згаснатото СЈО. Обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце. Освен Груевски, осомничени се и неговиот кум Ристо Новачевски, неговиот братучед, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција споделија детали за истрагата, односно дека најпрвин Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.

Но, Груевски не платил во кеш или од лична сметка, туку според обвинителството, за да го сокрие потеклото на парите, побарал од неговиот кум Новачевски, кој веќе имал регистрирана офшор-фирма во Белизе, жиро-сметката да му биде на располагање. Па, затоа, летото 2012 година била основана фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, а на сметката во неколку наврати легнале парите на Груевски, стекнати преку донации за партијата. Со нив, пак, потоа биле исплатени две парцели, со вкупна големина од 11.000 квадратни метри.

Од обвинителството откриваат и дека по објавата на „бомбите,“ кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели, се прави обид да се прикрие вистинскиот сопственик, па Новачевски ја пренел сопственоста на друго правно лице. Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка холдинг“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали.

За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста, плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, појаснуваат од обвинителството.

Како што неофицијално дознаваме, ова физичко лице не е опфатено со истрагата и тоа никогаш не ја исплатило потребната сума.

ОТКРИЕНА НОВА ПАРЦЕЛА НА ВОДНО

Идејата за цепкање на парцелите била на Груевски, кој разговарајќи со  тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, иако во шифри, открива дека намерата му била така поделен имотот да не паѓа во очи. Па, и да се открие дека има една помала парцела нема да биде толку страшно, а потоа како што вели годините минуваат, па ќе може да се распостеле на раат.

Денес во Катастар овие парцели имаат нов сопственик, односно се на Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“ ДОО Скопје. До јуни 2019 година, оваа компанија била на бизнисменот Орце Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Парцелите се со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума. Постои сомнеж дека екс премиерот поседува и атрактивни парцели кај Тасино чешмиче, во местото викано Горно Курило, со милионска вредност, односно со вкупна површина над 6.100 квадратни метри.

Првичната намена на парцелите била Д3, односно за спорт и рекреација, но со измените направени од Советот на Општина Центар, ставена е маркица за семејно домување со посебен режим.

Според податоците од Катастар, четирите парцели, на хартија, се во сопственост на „Кара“ и „Ексико“. Па така, во сопственост на „Кара“ е парцелата 1309/5, односно неизградено градежно земјиште од 875 квадратни метри, и парцелата 1309/8, шума од 732 квадратни метри.

Во сопственост на „Ексико“, пак, е градежното неизградено земјиште под парцела број 1309/13, со 3.880 квадратни метри, и уште една парцела, шума, од 634 квадратни метри.

Но, освен овој имот, како што дознаваме, Груевски располагал со уште една атрактивна парцела на Водно, со големина од 2.729 квадратни метри. Во Катастар, парцелата е запишана на име на фирма, но според нашиот извор станува збор за лажен сопственик зад кој се крие бегалецот.

Парцелата е заведена како „вештачко неплодно земјиште“, и се наоѓа во местото „Славејко Арсов“. Катастарската парцела е поделена на 33 парцели, од кои дел се градежно неизградено земјиште, паркови и мал број објекти.

Компанијата, пак, која е официјален сопственик на земјиштето, според податоците од Централен регистер, е во постапка на бришење.

Инаку истата фирма не е деловно активна и со години нема остварено добивка. Истата компанија е сопственик и на еден од становите на Груевски на Бихаќка.

Последната пресметка покажува дека од појдовните 11.000 квадратни метри имот, постојат сомнежи дека екс премиерот е можен сопственик на имот од околу 20.000 квадратни метри.

ЗАТАИ ИСТРАГАТА ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ

Груевски веќе трета година живее во Будимпешта, во таканаречената Петта област, која е туристички центар на градот. По бегството, информациите од истрагата говореа дека престојува во хотел, а дел од медиумите пишуваа дека ќе добие стан од државата, во која доби статус на бегалец.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, од доброупатени извори, Груевски наводно купил фирма во Унгарија, но под туѓо име.

И додека тој си гради удобен живот во туѓина, истрагата за неговото бегство не даде резултати.

Неодамна, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска изјави дека имаат информации за бегството, ама нема докази.

А за да се покрене обвинение, мора да достави докази пред судот, изјави обвинителката Русковска.

Обвинителството првично се сомневаше дека службени лица му помогнале на Груевски да избега наместо да влезе во затвор.

Постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти државата“, откри обвинителството на 18 ноември 2018 година.

Но, оттогаш немаше поместување.

Во предистрагата беа сослушани шеесетина лица од полицијата, од граничната полиција, од обезбедувањето на Груевски, а беа обезбедени и листинзи од телефонските контакти на експремиерот од периодот пред бегството. Официјално, не е познато како Груевски од Македонија влегол во Албанија, од каде, пак, преку Црна Гора заминал во Унгарија, која му додели политички азил.

Порталот „Политико“ со седиште во Брисел објави дека двајца унгарски разузнавачи му помогнале на Груевски, но откако ја поминал границата со Албанија. Токму, пак, оваа соседна земја одби да ги предаде на обвинителството снимките од граничниот премин, првично со изговор дека немале на што да ги преснимаат, а потоа пак ја сменија приказната и посочија дека снимките се избришани. Овие снимки, пак, ќе беа клучни за истрагата бидејќи од нив ќе се видеше со кого екс премиерот стигнал до границата.

За разлика од истрагата за бегството, оваа за имотот на Груевски стекнат со партиски пари, засега, оди во добра насока. Наскоро се очекува и обвинение. Тогаш ќе биде јасно што бегалецот спечалил со премиерската плата, а што ќарил благодарение на партијата и валканите игри!

 

Поврзани новости