Аргентина бележи рекорден број случаи на хантавирус

by irena 19:51
19:51

Бројот на случаи на хантавирус во Аргентина речиси се удвоил во последната година, а регистрирани се и 32 смртни случаи, што претставува најголем број заразени од 2018 година.

Порастот на случаите се случува додека аргентинските власти се обидуваат да го реконструираат патувањето на холандски брачен пар, кој патувал низ државата пред да почине по избувнувањето на заразата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“.

Според Си-Ен-Ен, стручњаците сметаат дека климатските промени и уништувањето на природните живеалишта придонесуваат за ширењето на вирусот, кој најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.

Крузерот испловил од пристаништето Ушуаја на југот на Аргентина на 1 април и моментално плови кон Канарските Острови во Шпанија, а се очекува в недела рано наутро да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја на Тенерифе.

Аргентинското Министерство за здравство соопштило дека во тековната сезона, која започнала во јуни 2025 година, се регистрирани 101 потврден случај на хантавирус, во споредба со 57 во истиот период претходната сезона.

Годинава е забележана и една од највисоките стапки на смртност во последните години, со пораст од 10 процентни поени во однос на минатата година. Во тие бројки не се вклучени случаите поврзани со крузерот „Ем-Ви Хондиус“, чие потекло на заразата сè уште не е утврдено.

Иако во Ушуаја во последните децении не бил регистриран ниту еден случај на хантавирус, вирусот е ендемичен во други делови на Аргентина. Властите веруваат дека починатиот брачен пар посетил повеќе региони, неколкупати преминувајќи ја границата со Чиле и Уругвај пред качувањето на бродот.

Се претпоставува дека тие престојувале и во покраините Мисионес и Неукен, кои се сметаат за ризични подрачја.

Заразата на бродот е поврзана со андскиот вид на хантавирус, редок, но потенцијално опасен облик кој во одредени случаи може да се пренесува и меѓу луѓе при близок контакт.

Слични вести