Антимонот во Крстов дол вреди 4 милијарди долари: Кој ќе профитира, а кој ќе ја плати цената со здравје?

Владата им дозволи на Американците да истражуваат колку количества антимон останале во рудникот „Крстов дол“ кај селото Луке, Инаку, рудникот „Крстов дол“ не работи повеќе од 50 години, но јаловината од поранешната експлоатација и понатаму е извор на загадување.

by irena 10:00
10:00

Во седиштето на државната агенција на САД за финансирање на меѓународен развој (ДФЦ), во Вашингтон, се одржа свечено потпишување на договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари, наменети за истражување критични минерали во Македонија, односно на реткиот минерал антимон.

Договорот беше потпишан помеѓу Конор Колман, раководител на инвестиции во DFC, и Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“. На настанот присуствуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, но членовите на владата беа само дел од церемонијата, со оглед на тоа дека австралиската компанија „Пела глобал лимитед“ и државната агенција на САД ги договориле претходно условите што ќе истражуваат и на која локација ќе истражуваат.

Рудникот за антимон во близина на кривопаланечкото село Луке беше најавен од премиерот десетина дена пред да замине делегација во Вашингтон, како дел од стратешкиот дијалог со САД, при што Христијан Мицкоски рече дека американска компанија ќе експлоатира руда антимон во Кривопаланечко, која потоа ќе се преработува во топилница во сојузната држава Оклахома.

Во рудникот „Крстов дол“, сместен на 20 км од Крива Паланка, иако не работи повеќе од 50 години, јаловината од поранешната експлоатација и понатаму е извор на загадување на површинските води. Рудникот и флотацијата повеќе не се користат, а неговите објекти се уништени.

Некогаш во него и во изградената флотација работеле 120 жители на околните села. Во флотацијата била обработувана антимонова руда. Освен тоа, била преработувана и молибденова руда донесена од Турција. Во мало количество била обработувана и руда на антимон од рудникот „Алшар“, во околината на Кавадарци, која содржела висок процент на арсен.

ВРЕДНОСТ НА АНТИМОНОТ

Рудникот „Крстов дол“ беше затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот, што сега не е случај.

Иако претходно биле извадени приближно 50.000 тони руда, во еден од стручните извештаи што ги цитира компанијата на својата страница се наведува дека има ресурс од 2.916.000 тони, заедно со неистражените паралелни структури.

„Иако претходно биле експлоатирани околу 50.000 тони руда, извештајот наведува дека историскиот ресурс е од категоријата D1 од 2.916.000 тони, заедно со неистражените паралелни структури, претставуваат ветувачки цели за истражување, со потенцијал за надградба и попрецизно дефинирање преку дополнително дупчење и истражувачки активности“, пишува на страницата на компанијата „Пела глобал лимитед“ од Австралија која ќе ги врши истражувањата.

Според компанијата, во оваа фаза нема доволно истражувања за да се процени дали има доволно минерални ресурси, но планот за повторно активирање на рудникот „Крстов дол“ е веќе развиен.

„Програмата за валидација на резерви вклучува 25.000 метри дијамантско јадрово дупчење со цел да се потврдат и прошират историските резерви и ресурси класифицирани според GKZ, во согласност со JORC-кодексот. Иако рудникот останал во голема мера непроменет од затворањето во 1981 година, од компанијата сметаат дека се потребни развојни активности за безбедно повторно воспоставување на рударските операции и пристап до подземната минерализација, како и проектирање и изградба на целосно нова постројка за преработка“, велат од компанијата.

Антимонот е сјаен сив металоид, а во природата се наоѓа претежно во сулфидниот минерал стибнит. Се користи во оловни батерии, електроника, воени и безбедносни технологии и токму поради оваа причина проектот во Крстов Дол е важен, не само економски, туку и геополитички.

Побарувачката за овој редок минерал порасна последниве години поради неговата примена во електрониката, а Кина е најголемиот светски производител.

И САД и ЕУ го третираат како критична суровина. Антимонот е стратешки метал и цената доста варира. Во последниве години: околу 10.000-15.000 долари по тон, но некогаш и повеќе поради зависноста од Кина која е најголем производител и зголемената побарувачка поради користење во воената индустрија.

Неофицијално, проценките се дека рудникот во Крстов дол може да даде околу 250.000 до 300.000 тони антимон за просечна експлоатација од 30 години. 300.000 тони антимон се отприлика заработка од 3 до 4 милијарди долари затоа што цената се движи од 10 до 15.000 долари по тон.

ЕКСПЛОАТАЦИЈА И РИЗИЦИ

Антимонот често доаѓа заедно со арсен, што е многу токсичен. Главни ризици од ископувањето на оваа руда се загадување на почвата и подземните води. Кога се ископува руда, се создава отпад со антимон и арсен, а ако се складира лошо, отровите ќе навлезат во почвата и со тоа во земјоделските производи. Прашината од рудникот пак, може да го загади воздухот со честички од антимон и арсен.

Антимонот не е лош само по себе, но начинот на експлоатација е клучен. Главни начини на експлоатација на антимон се : Површинска експлоатација (open-pit) со копање на горен слој на земја која е поевтина и побрза, но се прави големо уништување на природата и се крева многу прашина. Друг начин е со подземна експлоатација (underground mining) со копање преку тунели под земја која е многу поскапа и ризична за рударите, но чија предност е помало уништување на природата.

Овие два вида за вадење на руда се најкористени во светот. Потоа следува процес на пирометалургија или топење на рудата (најчесто го користи Кина) при што се испушта арсен и други токсични гасови.

Сè уште нема финална јавна техничка документација каков вид на технологија би се користела во Крстов Дол.

Научни трудови покажуваат дека Крстов Дол бил релативно мал рудник што вадел антимон во периодите 1962–1970 и 1986–1988 година. Главните минерали таму се стибнит и бертиерит, но се идентификувани и помали количества арсен, олово, цинк и други сулфиди, а талинг-јаловиштето, старото постројување за флотација и отпадните депонии се наоѓаат низводно по долината.

Антимонот е опасен и хроничната изложеност на овој метал е поврзана со воспаленија на белите дробови, хроничен бронхит, емфизем и кардиоваскуларни дефекти.

Националната токсиколошка програма во САД оценува дека антимон триоксидот е „reasonably anticipated to be a human carcinogen“, односно се смета за канцероген елемент.

Во една научна студија на Универзитетот Гоце Делчев од Штип, за мобилноста на арсен и антимон во Македонија, истражувачите утврдиле дека водите околу Крстов Дол се умерено алкални, но јасно покажуваат влез на елементи од рударските и преработувачките активности, при што неколку водни примероци ги надминуваат скрининг вредностите и препораките за вода за пиење, а концентрациите на антимон остануваат покачени сè додека потокот не се влее во поголема река.

ПОСЛЕДИЦИ

За рудниците за антимон има сериозни еколошки предупредувања затоа што овој металоид и неговите соединенија се токсични за човекот и можат да претставуваат ризик за здравјето, но и за животната средина, особено при долготрајна изложеност.

Ископувањето ги загадува подземните води, а дополнителен проблем претставува честата појава на арсен на истите наоѓалишта. Таков пример е една од жешките еколошки точки во Македонија, жариштетот во кумановското село Лојане, каде што имало рудник за антимон и хром во 70-тите години на минатиот век.

Купишта отпад кој содржи канцероген арсен и натаму не се расчистени и се наоѓаат на стотина метри од училиштето во селото. Во Лојане загадени се водата и почвата, како и храната која ја произведуваат локалните жители.

Државата проба да го исчисти отпадот со концесионер, но процесот со ангажирање на турската компанија „Калтун Маденџилик“ не успеа затоа што таа за вкупно осум години исчистила и продала само 60 од вкупно 15.000 тони.

Целата сторија може да се прочита во неделникот „Фокус“:

1594

Пишува: Орце КОСТОВ

 

 

Слични вести