Антикорупциска покренува постапки, 234 советници не поднеле изјава за имот

by irena 13:28
13:28

Членовите на Државна комисија за спречување на корупцијата денеска едногласно одлучија да поведат постапки против 234 советници избрани во општините низ државата, кои не ја исполниле законската обврска да поднесат изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок.

Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информираше дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Тој појасни дека во оваа бројка не се вклучени советниците од Куманово, за кои претходно било утврдено непочитување на обврската и за кои веќе се изречени соодветни прекршочни налози.

Според анализата изработена од Секторот за контроли при Комисијата, советници од вкупно 61 општина не ја доставиле изјавата за имотна состојба. Поради тоа, Комисијата ќе постапува поединечно за секој случај.

За лицата кои нема да го платат изречениот прекршочен налог во рок од осум дена, ќе бидат иницирани прекршочни постапки пред надлежната комисија за прекршоци.

Адем Чучуљ потсети дека Комисијата редовно објавува податоци за извршените контроли, утврдените прекршувања на законот и изречените глоби на својата веб-страница, а имињата на советниците за кои ќе се поведат постапки ќе бидат јавно објавени откако тие ќе започнат.

Слични вести