Пред неколку години анестезиологот Валтон Дервиши од Тетово беше обвинет за нелегално снимање пациентки и објавување на снимки на социјални мрежи.
Според ИРЛ, неофицијално, сега тој повторно се враќа на работа.
По серија судски постапки и одлуки, неговата првична казна значително е намалена, што му овозможува повторно да се активира во здравствениот систем.
Иако во почетокот беше осуден на затвор и му беше одземена лиценцата за работа на подолг период, понатамошниот тек на процесот донесе промени.
Случајот повторно беше разгледуван, при што биле доставени нови изјави, а дел од делата беа преквалификувани.
Затворската казна е намалена, а правните пречки за негово враќање на работа ги нема.
Докторот во своја изјава призна дека направил грешка, но тврди дека немал намера да снима, истакнувајќи дека долгогодишно работел посветено и без дополнителни барања.
„ТикTок-анестезиологот“ – како што го нарекуваа, кој работеше на Одделението за гинекологија во тетовската Клиничка болница во 2023 година беше осуден на 15 месеци затвор.