Анархична провинција на човечката цивилизација

by fokus

„Vetting“ е англиски збор и по дефиниција значи „чин на претходно испитување и критичко оценување (на лице, документ, шема и сл.) и обично се применува пред некому да се понуди вработување, пред да се додели награда или пред да се именува на јавна функција, а вклучува и проценка и проверка на интегритетот на личноста. Ветингот според значењето и функцијата може да се примени пред, а не по именувањето или избор на некоја функција.

Пишува: Звонко Давидовиќ
Кај нас па и во опкружувањето зборот ветинг се користи најчесто за реформа во судството која никако да се спроведе. Како и се друго и зборот ветинг грешно се употребува за реформа во судството мислејќи на веќе избрани и именувани судии и обвинители кои работат со години. Најчесто овој израз го употребуваат политичарите без да го знаат вистинското значење на зборот и за што истиот се користи. Смешно изгледа да правите проверка која се прави пред вработување, именување, на лица кои се веќе вработени и именувани како судии. Тоа што многу луѓе го употребуваат овој термин и му даваат значење кое го нема не го прави точен и исправен туку го покажува нивото на информираност и знаење.
Во Албанија беше спроведен некаков модел на судска реформа кој го нарекоа ветинг, повторно грешно употребувајќи ја за лица кои се веќе носители на судиската функција, но реформата ја спроведоа со испитување на потеклото на имот. Беше дадена можност судиите сами да поднесат оставка и да ја одбегнат проверката што еден голем дел од судиите и го сторија покажувајќи дека и нивното работење но и имотната состојба не се чисти и законити.
Во Босна и Херцеговина, судството има подеднаква недоверба како и во Македонија, беше направен обид да се копира албанскиот модел и да се примени на босанското судство. Резултатите се поразителни , а бројот на потврдени обвиненија во случаите на висока корупција изнесува еден, еден единствен предмет за цела година. Во текот на оваа година не е поднесено ниту едно обвинение за предметите на висока корупција.

ВЕТИНГ И ЗА ЈАВНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ И ЗА БИЗНИС ЕЛИТАТА

Искуствата во сите соседни земји, вклучително и нашата, покажуваат дека секоја држава која е испартизирана и во која партијата е над државата, е земја во која цути корупцијата, а нејзините институции, вклучително и институциите на правосудството се заробени и под рака се на извршната власт. Поделбата на извршната власт која е по национална и етничка основа, неминовно бара поделба на сфери на влијание, но неминовно бара и поделба на коруптивниот колач преку создавање на политичко судски и бизнис кланови. Грижејќи се за остварување на коруптивните цели овие кланови користејќи ја политичката моќ влијаат на избор, именување, напредување и разрешување и на правосудните функционери.

Токму на такво влијание се пожали јавно бившата претседателка на судскиот совет и даде оставка, но партизираното обвинителство не презема ништо да го расветли овој случај. Во нормални земји ова ќе беше скандал и длабоко ќе ги потресеше темелите на судството но кај нас предизвика само озборувања и надмудрувања на социјалните мрежи на што и се заврши.
Ветингот може и треба да се спроведе на академците, оние кои конкурираат за судиските и обвинителски места, а на актуелните судии и обвинители треба да се спроведе реевалуација на нивното работење. Поединечно и поименично треба да се испита нивното досегашно работење и да се утврди како ги носеле одлуките, дали имало партиско, роднинско или друго влијание при носењето на нивните одлуки,  нивниот личен и професионален интегритет, но да се испита и нивната материјалната состојба како и материјалната и имотната состојба на нивните семејства. Ако се утврдат неправилности не само што треба да биде разрешен, туку треба да понесе и кривична одговорност па дури и конфискација на имот. Но, ваков третман паралелено со судиите треба да имаат и сите јавни функционери и бизнис елитата која преку ноќ се збогати и на ист начин треба да се испита и нивното работење и материјалната и имотната состојба.
Доколку и понатаму продолжиме со квази реформи, додавање на членчиња во закон кој ионака никој не го почитува, со вербални политикански заложби и  политички кадровски удомувања на некадарните сејачи на магла и лепачи на билборди ќе бидеме тоа што сме- анархична провинција на човечката цивилизација.

Поврзани новости