По предлог на Министерството за енергетика, владата го донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Од вкупно 284 иницијативи, прифатени се 67 иницијативи со инсталирана моќност поголема од 1 мегават. Доколку сите инвестиции се реализираат, ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра.
Од овие 67 иницијативи, 59 се за изградба на фотоволтаици, со проценета вредност од 2,11 милијарди евра, 7 иницијативи за ветерни паркови, чија вредност е проценета на 1,2 милијарди евра, а вкупната моќност ќе биде 907,7 мегавати. Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати, вредна 445.500.000 евра.
Интересот е толку голем кај бизнисот, посебно оној што е поврзан со политичките елити. Но, голем интерес има и кај политичките функционери за инвестирање во обновливи извори.
До пред некоја година, партиите го користеа секој момент за политичка борба и дневни обвинувања кој повеќе изградил и кој повеќе ги искористил врските со власта, партијата или во самите институции, но сега мудро молчат затоа што нивните функционери се најголеми инвеститори во енергетскиот бизнис.
„Фокус“ во сторија за неделникот објавен на 26 февруари го анализираше годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична и топлинска енергија и складирање електрична енергија за 2026 година, односно провери кој сè ќе инвестира во енергетски објекти во земјава со капацитет над 1 мегават.
Резултатот од проверката на 69 компании е следен: фотоволтаици, централи, ветерници и гасни централи ќе градат бизнисмени блиски до двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бизнисмени од странство со сомнителни бизниси и политички врски, млади бизнисмени, чии родители се дел или биле дел од политичките елити во Македонија, поранешни пратеници, градоначалници, советници, адвокати, актери, па дури и Македонската православна црква.
Нема да гради само обичниот граѓанин што живее од плата, која не е доволна гаранција да се земе кредит од банка за почетна инвестиција од 700.000 евра, колку што од прилика чини една фотоволтаична централа од 1 мегават. А, за ветерница од еден милион евра може само да сонуваме.
Заедничко на најголемиот дел од фирмите што планираат да обезбедат дозволи за градба на објектите и дозволи од Регулаторот за производство, складирање и продажба на енергијата добиена од обновливи извори е што компаниите се основани во последните 12 месеци, имаат 0 приходи и немаат ниту еден вработен.
Таква е компанијата ЕФТ СОЛАР ДООЕЛ Скопје, која ќе гради фотоволтаична централа со моќност од 80 мегавати во Ерџелија, Свети Николе. Регистрирана е на адреса во скопската населба Центар, нема вработени и приходи, а е основана во 2021 година. Оваа фирма е во сопственост на британски ЕФТ Инвестменс лимитед, инвестициски фонд, кој вложува во енергетски објекти во Европа. Ова е една од компаниите, која во 2021 година доби статус на стратешки инвеститор од владата на СДСМ и на ДУИ, заедно со „Ветерен Парк Вирови“ дооел Скопје.
Интерес за фотоволтаична централа од 29,5 мегавати пријавила компанијата ИИД БАЛКАН ДООЕЛ Тетово. Оваа компанија е позната по тоа што во 2014 година, во индустриската зона „Овче Поле“, во близина на Свети Николе стартуваше изградба на нова фабрика за печурки. На оваа инвестиција ѝ претходело ветување до тогашниот премиер Никола Груевски дадено од сопственикот на фирмата, Теодорус ван Кампен, но градбата сопрела по поставувањето на темелите.
Според пишувањата на холандските новинари, сопственикот Теодорус ван Кампен е со тешки обвиненија во сопствената земја. Бил гонет за даночна измама во вредност од околу 10 милиони евра. Државата му запленила фабрика, зграда и приватен авион. Холандските даночници, како што пишуваат медиумите, успеале да повратат околу еден милион евра.
Нула вработени и нула приходи имаат и ЗЕН ЕНЕРЏИ ГРУП АРМАТУШ СОЛАР ДООЕЛ Скопје и ЗЕН ЕНЕРЏИ ГРУП НЕГОТИНО ДООЕЛ Скопје. Едната фирма ќе гради 70 мегаватна, а другата 55 мегаватна фотонапонска централа. Двете централи се во сопственост на израелската компанија ЗЕН ЕНЕРЏИ ГРУП.
Фирмата МИТ СОЛАР ДООЕЛ Скопје ќе гради 50 мегаватна фотоволтаична централа. Фирмата е со адреса во скопски Центар, има еден вработен и приходи од 67 илјади денари. Актуелен директор и управител е Блеранд Сарачи, кој доби кривична пријава за затајување данок додека беше управител на „Балкан Марбле Индустриес“, која ископува мермер во прилепското село Вепрчани.
Според пишувањата на медиумите, Сарачи бил под истрага дека наводно затаил над 5 милиони евра и бил близок до до раководството на ДУИ. Овие пари наводно биле искористени за инвестиции во неколку енергетски проекти.
Управителот во МИТ СОЛАР од Скопје, Ади Вокши, бизнисмен од Гњилане, Косово, го подготви теренот за влез на големата турска компанија ГРС, која преку својата подружница ГРС СОЛАР ДООЕЛ Скопје во југозападниот регион на земјава ќе гради фотонапонска централа од 55 мгв.
(Продолжува…)
автор: Орце КОСТОВ