Американскиот шеф на дипломатијата, Марко Рубио и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, денес изразија загриженост за ситуацијата во Дамаск по израелските напади врз сирискиот главен град, а сириските власти и Друзите изјавија дека е постигнато ново примирје во јужната покраина Свеиди.
„Сакаме борбите да престанат“, рече Рубио во Вашингтон. Тој додаде дека Соединетите Американски Држави разговараат со сите вклучени страни и се надеваат дека може да се постигне договор. „Но, ние сме многу загрижени“, истакна тој.
По неколкудневните насилства меѓу Друзите и вооружените Бедуини во јужна Сирија, Израел, близок сојузник на САД, бомбардираше неколку цели во Дамаск, вклучувајќи го и влезот на Министерството за одбрана. Портпарол на војската рече дека бил погоден и „воен објект“ во близина на претседателската палата. Израелскиот новинар Барак Равид објави, повикувајќи се на висок американски функционер, дека американската влада го повикала Израел да ги прекине нападите во Сирија и да започне дијалог со владата во Дамаск за деескалација на тензиите.
Коста, исто така, изрази загриженост за ситуацијата во Дамаск по израелските напади. „Сирискиот суверенитет и територијален интегритет мора да се почитуваат“, напиша Коста на платформата за социјални медиуми X. „Ги повикувам сите страни да се воздржат од насилство и да ја деескалираат ситуацијата“.