Јас нема да оперирам срце, туку креирам систем за кардиологот да може да прави интервенции во реално време со добри инструменти, отчетност кон граѓаните, а не листа на чекање. Со амбициозен план за работа новиот министер за здравство, Азир Алиу, го стартуваше мандатот. Ветува оти неговата работа ќе се темели на 5 столба, отчетност, решавање на проблемите, дигитализација, стратешко и долгорочно планирање, професионален развој и зајакнување на човечките ресурси. Меѓу неговите први активности средба со повредените во Кочани, но и со лекарскиот тим кој работи на нивна рехабилитација.
Во првата недела од мандатот Алиу се сретнал со дел од директорите на здравствените установи. Состојбата која ја затекнал на онкологија вели е катастрофална. Пациентите болни со рак немале минимум достоинствени услови. Ќе се менува и тендерската постапка за да не се доцни со набавката на лековите за нив.
За навремена превенција на болести, Министерството за здравство ќе организира бесплатни прегледи за дијабетес и висок крвен притисок за сите граѓани кои имаат над 40 години. Проектот ќе се спроведе во неколку фази, а граѓаните за терминот ќе бидат известени преку апликација. Се прави мапирање на здравствените установи кои се во лоша состојба и кадарот кој им недостасува. Досега Алиу вели оти увидел 57 проблеми во овој сектор за кои е потребно итно решение.
Тој доаѓа на местото на Арбен Таравари, кој си даде оставка од министерската позиција, ја напушти коалицијата ВЛЕН и замина во опозиција.