Албанската полиција употреби солзавец при судирите со демонстрантите во Тирана

by irena 19:25
19:25

Антивладините протести во Албанија продолжија и денеска, а протестното движење добива дополнителна сила со приклучувањето на приврзаниците на опозициската Демократска партија кон студентските протести. Демонстрантите тргнаа во марш од седиштето на партијата кон зградата на кабинетот на премиерот Еди Рама, барајќи промени и отфрлајќи ги неговите повици за дијалог.

Албанската полиција употреби солзавец и бибер-спреј при судирите со демонстрантите пред министерството за образование во Тирана, каде што група учесници на протестот запалија корпи за отпадоци и ги туркаа кон полициските службеници, јави албанската новинска агенција АТА.

Тензиите дополнително се зголемија откако маскирани лица почнаа да фрлаат камења и различни предмети кон полицајците, кои возвратија со бибер-спреј и солзавец, а на местото беа распоредени и водени топови за растурање на толпата.

Митингот започна како студентски протест, но потоа избувнаа судири меѓу студентите и претставниците и поддржувачите на опозициската Демократска партија, забележува агенцијата.

Студентите се обидоа да ги спречат приврзаниците на партијата на поранешниот премиер и претседател Сали Бериша да им се приклучат на протестот. Носејќи транспарент со натпис „Рама во затвор, Бериша во затвор“, младите го изразија своето несогласување со учеството на политичките партии во протестот, иако вчера Бериша ги повика граѓаните да ги поддржат студентите и нагласи дека „победата на нивниот бунт“ е исклучително важна за иднината на земјата.

Студентските протести во Албанија започнаа во Тирана на 13 октомври, поради незадоволството од лошите услови на универзитетите, високите трошоци за високото образование, недоволната финансиска поддршка за студентите и ограничените можности за вработување по дипломирањето.

Демонстрациите брзо прераснаа во антивладини протести со барања за оставка на премиерот, социјалистот Еди Рама, и формирање техничка, односно преодна влада. Потоа следуваа судири со полицијата, палење и оштетување на јавни објекти и деловни простории, а стотици учесници беа приведени. Претходно оваа година, партијата на Бериша, исто така, организираше серија протести со барања за оставка на владата на Еди Рама, формирање преодна влада и одржување слободни избори.

Приклучувањето на опозицијата кон студентските демонстрации дополнително ја усложнува политичката ситуација и го зголемува притисокот врз владата на Рама, и покрај тоа што албанскиот премиер се обидува незадоволството на студентите да го насочи кон институционален дијалог. За таа цел, тој покрена посебна интернет-платформа, која ја претставува како отворен канал за комуникација со студентите и граѓаните, достапен 24 часа дневно.

Слични вести