Општина Велес информираше дека еден дел од коритотот на Отовичка река е исчистен како еден од чекорите за еколошка обнова на езерото младост. Но, механичкото отстранување на наслаги беше неизвесно откако на првиот повик распишан од Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ за механичко отстранување наслаги и органска материја од Велешко езеро не се пријави фирма што ќе ја отстрани органската маса од изумрени алги и трски, која плива по површината, ќе ги отстрани исушените дрвја и ќе ја исече трската по крајбрежјето.
Распишан е нов повик на кој се очекува конечно да се избере фирма која ќе го исчисти Велешко езеро.
Пишува: Орце КОСТОВ
Година и пол откако се случи еколошката хаварија со изумирање на езерото Младост сликата е уште полоша. Наместо природна убавина и чиста вода, површината на езерото е прекриена со дебел слој алги, отпад и органски остатоци, претворајќи го некогаш популарното излетничко место во вистинско мочуриште.
Во минатото создадено за наводнување на лозовите плантажи околу него, во сегашноста прераснато во атрактивен туристички центар со хотели, викенд-населби, пешачки и велосипедски патеки, како и паркови за инклузивност, Велешко езеро, по бурното лето во 2024 година, повеќе нема иднина, барем не според она што негрижата на граѓаните и на институциите му го направи и според она што „планираат“ да го преземат.
Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес и ова лето беше со изразен лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет.
Центарот за јавно здравје од Велес, по барање на општината, минатото лето изврши испитувања со земање мостри од три локации на езерото, но констатираше големо загадување и предупреди дека не смее да се користи водата буквално за ништо.
По добиените резултати, препораката на Центарот за јавно здравје Велес е дека водата не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини.
Владата се обиде, со помош од 10 милиони денари, која ја побара реизбраниот градоначалник Марко Колев уште во септември 2024 година, да им овозможи на институциите да го спасат колку-толку екосистемот во Младост.
Но, колку им беше гајле на политичарите, најдобро говори фактот што во кампањата за локалните избори, тројцата кандидати за градоначалник воопшто не го спомнаа спасот на езерото Младост, туку приоритети им беа паркинзи и асфалтирање улички.
Победата ја однесе Марко Колев од ВМРО-ДПМНЕ, кој од јавноста беше посочен како еден од главните виновници за уништувањето на акумулацијата Младост.
НЕУСПЕШЕН ТЕНДЕР ЗА ЧИСТЕЊЕ
Се чини, ниту компаниите немаат интерес да го видат чисто Велешко езеро затоа што ниту една фирма не се пријавила на јавниот повик на Јавното претпријатие за водоснабдување „Лисиче“ за чистење на вештачкото езеро Младост кај Велес од органски наслаги и од исушена вегетација.
На јавниот повик распишан од Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ за механичко отстранување наслаги и органска материја од Велешко езеро се бараше фирма што ќе ја отстрани органската маса од изумрени алги и трски што плива по површината, ќе ги отстрани исушените дрвја и ќе ја исече трската по крајбрежјето.
Интервенцијата: механичко отстранување мртви алги, трска и исушени дрвја, веќе има зелено светло од Министерството за животна средина. Таа е дел од препораките на Хидробиолошкиот завод од Охрид за ревитализација на езерото, во пакет со дотур на свежа вода преку бушотини кај Отовичка Река и замена на вентилот на браната.
ЈПВ „Лисиче“ распиша нов јавен повик на кој сега се очекува некој да се пријави да го исчисти езерото пред да се премине на другата фаза.
Тендерот е проценет на 847.000 денари и единствен критериум е најниската цена. На него може да се јави која било фирма од дејноста – Општи јавни услуги. Операторот ќе треба да го изнесе биолошкиот отпад на депонијата крај Велес оддалечена 10 километри од езерото и за тоа ќе има рок од една година.
Операторот треба да има дозвола за собирање и транспорт на неопасен отпад издадена од надлежен орган согласно Законот за управување со отпад (во важност), како и најмалку едно возило за транспорт со зафатнина на товар не помала од 10 кубни метри.
АЕРАТОРИ ЗА КИСЛОРОД БЕЗ ЕЛАБОРАТ
Ако е за утеха, од минатото лето, благодарение на активистите и на бизнис-заедницата, во езерото Младост има околу 120 тони помалку растителна маса и алги во распаѓање, кои се измешани со остатоци од фекално потекло.
Сто и дваесет тони од цврстата материја од површината на езерото ги собраа граѓанските волонтери на иницијатива на Здружението на спортски риболовци Бабуна, заедно со вработените од Биогасната електрана на Брако во селото Сарамзалино.
Инженерите во биогасната електрана утврдиле дека штетната материја на површината на езерото, која содржи фекалии, изумрени алги и други штетни материи, може да се употреби во производство на биогас. Се проценува дека има уште над 300 тони материја што треба да биде собрана од површината на езерото.
По собирањето на материјата, треба да се премине кон филтрирање на водата и збогатување со кислород, за што се набавени апарати за внесување кислород, познати како аератори, кои се неопходни за да почне процесот на ревитализација на езерото Младост.
За да почнат со работа, потребно е да се изработи елаборат. Еден аератор e поставен пред плажата на хотелот „Романтик“ и тој е со пробна функција.
Набавени се три видови аератори од донации на бизнис-секторот во Велес. Шест водоскоци што ја исфрлаат водата во вис, два пропелери со перки, кои прават површинска аерација, и две турбини, кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина.
Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид, основно беше да се изврши внесување кислород во езерото, бидејќи овој елемент е важен за живиот свет во него и токму поради негово отсуство се јавува изумирање и на флората и на фауната.
Комисијата за следење на состојбата со водата во велешкото езеро Младост, на последната седница повторно ги усвои веќе изгласаните мерки за санација и заштита на езерото, кое и понатаму е под целосна забрана за капење, наводнување и рекреација.
Забраната ќе остане во сила поради присуството на опасни цијанобактерии и потенцијално токсични материи, согласно препораките на Центарот за јавно здравје донесени на почетокот на месецот.
Мерките што треба да се преземат во најбрзо време, а кои досега требаше да бидат преземени, се чистење на коритото на Отовичка Река, отстранување на наслагите од површината на езерото Младост, правење бушотини кај Рудничка Река, со цел да се дојде до свежа вода, која треба да се влива во Велешко, како краткорочна и најбрза мерка за дотур на вода.
Изгласана е реконструкција на колекторскиот систем и шахтите, со цел да се спречи понатамошно загадување на езерото.
Како долгорочна мерка и најефикасна мерка е довршување на цевководот од езерото Лисиче до езерото Младост, во должина од околу 6 километри, за кои вицепремиерот Љупчо Димовски вети дека ќе се заложи што побргу да се почне со реализација!
При последното испитување на Центарот за јавно здравје во Велес, водата во Младост, според микробиолошките индикатори, е со лош квалитет, но останува истото предупредување дека водата од езерото не смее да се користи за капење, полевање и рекреација зашто на површината има пивтиеста маса и сунѓерести наслаги. Пред тоа е потребно да се испита дали има цијанотоксини.
Но, и покрај тоа што ова предупредување од ЦЈЗ се повторува една година, досега не е испитано дали има цијанотоксини, иако тоа во српскиот Центар за јавно здравје во Белград чини 110 евра.
НОВ АЛАРМ ОД ХИДРОБИОЛОШКИ ЗАВОД ОХРИД
Според извештајот на Хидробилошки завод Охрид, кој по нарачка на ЈПВ „Лисиче“, направи нови испитувања на 11 септември годинава и е објавен на 20 октомври, водата во акумулацијата е со „лош квалитет“ и квалификувана како четврта и петта класа, односно присуството на колиформни бактерии и фекалното загадување укажуваат дека системот е во сериозна состојба.
Покрај тоа, езерото е контаминирано со амонијак и со други токсични материи, што дополнително ја влошува еколошката ситуација.
„При теренскиот увид, визуелно на површината на акумулацијата се забележуваат густи, слузави наслаги кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Ваквата состојба најмногу е изразена кај Отавички залив каде што беше целосно покриена површината на водата.
Вредностите за физичко-хемиските и микробиолошките параметри, според Уредбата за категоризација на води, генерално укажуваат на квалитет на вода од III до V класа, состојба што укажува на фактот дека имаме интензивен процес на еутрофикација, односно стареење на екосистемот и тоа под интензивно антропогено влијание.
Генерално може да се констатира дека за сите истражувани локалитети се евидентирани значително високи вредности за содржината на органските биоразградливи материи, како и за концентрациите на нутриентите (вкупен азот и вкупен фосфор), што секако укажува на органско и нутриентно загадување на овој езерски систем.
Во примерокот колекциониран од најдлабокиот слој на Акумулацијата, односно од 13 метри длабочина не е евидентирано присуство на растворен кислород, што воедно претставува и основна причина за нецелосна деградација на органската материја присутна во подлабоките езерски слоеви.
Отсуството на кислород во езерото претставува голема опасност по живиот свет што живее во него (и растителен и животински) и основна причина за негово изумирање и исчезнување од овој екосистем.
Присуството на вкупните колиформни бактерии и индикаторите за фекално загадување, како и вредностите за органско загадување, укажуваат на антропогено влијание. Во склоп на тоа и високите температури (сушни периоди) придонесоа за свапорација и намалување на нивото на езерото, а единствениот извор на вода (Отавичка Река), без вода“, стои во заклучокот на извештајот.
За подобрување на состојбата, од Хидробиолошки завод препорачуваат дека, пред сè, потребно е механичко чистење, отстранување на конгломератите, кои се по површината на езерото, посебно изразени кај Отовички залив, како и оние наталожени на дного (багерирање).
НЕИСПРАВНА КОЛЕКТОРСКА МРЕЖА
Различните извештаи на Центарот за јавно здравје, лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје и на Хидробиолошкиот завод од Охрид, кон крајот на летото во 2024 година фрлија сенка врз вистинскиот причинител на загадувањето, односно на излевањето фекалии, кој се спомнува и во извештајот на вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина – сателитската населба Отовица, чии куќи се делумно приклучени на колекторскиот систем со кој управува Јавното комунално претпријатие од Велес, „Дервен“.
„Од десната страна на населбата Отовица се правеше колектор, но изведувачите ја подигнаа висината на каналот поради тоа што наидоа на голема карпа. Од левата страна, сите куќи се приклучени, но фекалиите одат во езерото затоа што пумпата што ја направија за префрлување на водите од лева на десна страна не работеше неколку години.
Граѓаните не знаеја за тоа и сега се покажа дека тоа било проблем. Да, има некои неприклучени куќи, но тие имаа септички јами, кои подоцна им беа забранети “, вели жител на Отовица, кој ужива во пензионерските денови во викенд-населбата и кој раскажа како дошло до екохаваријата.
Од ЈКП Дервен тврдат дека колекторскиот систем во населбата Отовица функционира, но и дека има некои објекти што користат септички јами. Приклучувањето е задолжително, но комуналното претпријатие нема должност да утврди дали овие фекалии се влеваат во езерото, туку само да ја контролира и одржува состојбата на фекалната канализација во функција.
Дел од жителите се сомневаат дека отпадните води што ги исфрлаат рестораните и хотелите се, исто така, причинител за катастрофата.
Сепак, надзорот на Државниот инспекторат за животна средина, односно на инспекторката Билјана Шуркова-Манаскова над правни субјекти во околината на езерото, како и на ЈКП Дервен, кој управува со Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езерото Младост, покажа дека правните субјекти не го загадуваат езерото, туку проблемот е во колекторскиот систем во населбата Отовица.
„Во населбата Отовица, објектите од десната страна на пристапниот пат се приклучени на колекторот. Објектите од левата страна не се приклучени поради тоа што колекторот е на повисока кота од објектите, но нивното приклучување е изводливо во поединечни случаи. Дел од објектите најверојатно имаат септички јами, но не е исклучена и можноста за директно одведување на отпадните води поради близина на коритото во кое повремено тече Отовичка Река.
Индивидуалните објекти од левата страна на пристапниот пат кон Отовица не се приклучени на колекторот, а кај дел од објектите, колекторот поминува непосредно пред парцелите и не е проблем нивното приклучување на системот. Дел од овие објекти не може да се приклучат, најверојатно сите имаат септички јами, а се наоѓаат на 200 метри од езерото“, се вели во извештајот на инспекторката.
ОЈО ЧЕКА ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА ПОМОРОТ НА РИБА
Општина Велес веќе пет години е без локален инспектор за животна средина, позиција со најголеми овластувања за контрола, спречување и санкционирање на загадувањето. Иако оваа функција е клучна за заштита на здравјето на граѓаните и животната средина, градоначалникот Колев не распишуваше јавен оглас за нејзино пополнување.
Велес, во изминатиот период, се соочи со сериозни еколошки катастрофи, меѓу нив и најновата за која Основното јавно обвинителство покрена истрага.
Речното корито на долниот тек на Тополка, кон крајот на мај беше полно со угинати риби, како резултат на поморот што го предизвикала бела пенлива материја, која ја открија рибочуварите на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“.
Десетици килограми угината риба ги вознемири велешани во коритото на потегот од поранешната фабрика „Порцеланка“ до вливот во реката Вардар.
Одделението за животна средина во Општина Велес, кое функционира без локален инспектор за животна средина, сѐ уште не излегло со официјална информација за причината за еколошката катастрофа, во која изумре цел жив свет во реката Тополка.
Четири месеци нема информации за потенцијалниот виновник за поморот на риба и загадувањето на реката Тополка, кое се случи летово. ОЈО Велес и по четири месеци не го добил нарачаното вештачење.
Текстот е објавен на 30 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.569.