Од денеска напладне е блокиран сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија поради протестот на македонските превозници кои бараат да се одложи или промени ограничувањето на времетраењето на престојот од 90 дена во период од 180 дена на професионалните возачи во земјите од Шенген зоната.
– Се надевам дека од ЕУ ќе имаат разбирање затоа што се работи за четири земји од Западен Балкан. Не е така едноставно сите фабрики и сите увозно-извозни фирми да запрат и да не превезуваат. Турските превозници ни се приклучуваат со тоа што нема да одат по алтернативни патишта туку ќе застанат на границите и ќе чекаат додека ние не завршиме.
Се блокираат премините затоа што од 10 април ќе започне електронско сметање на времето за престој во Шенген зоната, 90 дена на 180 дена. Се протестира за тоа што ова правило кога започна да важи пред 17 години се однесуваше само на 5-6 држави од Шенген зоната, со текот на времето се зголеmуваше брoјот на членки кои се дел од Шенген и сега имаме 29 држави.
Тоа значи дека на секое излегување од нашата држава ќе влегуваме во Шенген просторот, а професијата возач не е турист и мигрант, туку е работа, рече Биљана Муратовска, генерален секретар на здружението на превозници, Макам Транс.

Прекинот на сообраќајот е исто така дел од регионалниот протест на товарните превозници од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, поради ограничувањето на времетраењето на престојот.
– Ова значи дека Европската унија на овој начин сака да не запре да работиме. Кога знаеме дека со секоја земја имаме билатерални спогодби во област на превозот кои ни дозволуваат пристап на нивна територија, сега викаат стоп не важи. Економската оправданост за тоа да се вработуваат по двајца возачи на едно возило не е оправданост. Треба еден возач три месеци да седи и да прима минимална плата и обратно. Тоа не одговара ниту на возачите ниту на превозниците. Ова е дискриминација за патните превозници затоа што ЕУ во својата регулатива ги ослободила од денови за броење на престој сите други: бродскиот, железничкиот и авиопревозот, додаде таа.
Во ЕУ засега нема расположение за промени, но таа се надева на најдобро.
– Поентата не е да го заглавиме сопственото стопанство туку да покажеме што ќе се случи во 7 дена колку што трае еден циклус на превоз во просек. Тоа се над милион тони стока која оди или доаѓа наваму, што значи дека ќе почувствуваат сите. Без нас транспортерите продавниците ќе бидат празни и ние не сакаме да нанесеме штета. Сега праќаме сигнал, а во април ако не ни одобрат, нема да мораме да протестираме, ќе си стојат камионите, ќе нема возачи да ги возат, објасни Биљана Муратовска.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес беше присутен на ГП Блаце, по најавата на транспортните превозници за блокада. Николоски искажа поддршка за протестот на превозниците.

– Причината зошто сум денеска тука на овој граничен премин е за да искажам поддршка во мое име и во име на Владата. Овој протест е предупредувачки протест. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10-ти април натака. Ова е едно предупредување, сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите-членки на Шенген зоната да изнајдат решенија, рече тој.
Вицепремиерот посочи дека во принцип постојат три возможни решенија за решавање на овој проблем.
-Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за превозниците, второто решение е да се зголеми бројот на денови кои што можат да ги поминуваат во Шенген зоната превозниците, најмалку на 250 денови, соодветно поделено во циклуси, од сегашните 180. Третото решение е да не се третираат како туристи професионалните возачи и превозници, туку да се третираат онака како што треба, како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила или соодветно со работни визи како што во моментов прави само Швајцарија тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат, рече Николоски.
Тој оцени дека се спротивно од ова ќе има големи последици и за македонската, регионалната, но и за европската економија.
-Да не заборавиме дека најголем дел од странските инвестиции, не само во Македонија туку и во цел регион, се од земји-членки на Шенген зоната и ЕУ. Тие најчесто овде произведуваат полу-производи кои после тоа ги извезуваат во сопствените земји за да произведат финален производ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и исто така оди на север. Да не зборувам за главниот трговски коридор на цела југо-источна Европа, а тоа е Коридорот 10 кој значи економски крвоток на целиот овој регион, рече Николоски.
Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт.
Изјавата на Ламерт беше одговор на новинарско прашање за ставот на ЕК околу блокадите на граничните премини кон Шенген зоната од страна на балканските превозници и нивните обвинувања дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на нивните колеги од ЕУ, како и дали Унијата планира да професионалните возачи да им додели посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.
– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.
Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.
– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.
Орце Костов