1
Скопје ќе биде новогодишно украсено во периодот од 10 до 15 декември, а централната прослава за дочекот на Новата година ќе се одржи на градскиот плоштад, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во гостување на телевизија Сител.
Тој посочи дека сè уште се утврдуваат деталите за новогодишната програма и термините за одржување на празничниот базар.
На прославата ќе настапат исклучиво македонски изведувачи, но нивните имиња засега не се утврдени.
Ѓорѓиевски истакна дека скопските градоначалници се согласиле да има една заедничка новогодишна прослава во главниот град.
„Не сме ги утврдиле сѐ уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Нова година. Да најавам уште од сега, огномет нема да има“, изјави Ѓорѓиевски.