По последниот случај на семејно насилство во Гостивар, каде 42-годишна жена беше тешко повредена од сопругот и во бессознание пренесена на скопските клиники, пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа барање за свикување итна собраниска седница.
Од СДСМ бараат претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика седница на која единствена точка на дневен ред ќе биде постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство, како и заштитата на жртвите.
„Доста е од институционален молк. Секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека во 2025 година биле регистрирани шест фемициди, додека до ноември годинава се евидентирани седум убиства на жени. Само од јануари до октомври, според податоците на МВР, биле регистрирани 1.897 настани поврзани со семејно насилство.
Партијата бара Собранието да побара одговори од надлежните институции за тоа како постапуваат по пријавите за насилство, кој ја проценува опасноста за жртвите и дали се спроведуваат мерките за нивна заштита.
Од СДСМ побараа и утврдување одговорност за евентуалните институционални пропусти, како и конкретни мерки и рокови за подобра заштита на жените.