Тешко семејно насилство се случило во гостиварско село, каде 52-годишен маж физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга, нанесувајќи ѝ повреди со остар предмет.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен од таткото на осомничениот, кој информирал дека нападот се случил на 27 ноември, околу 12:30 часот, во семејниот дом.
На повредената жена ѝ била укажана медицинска помош во гостиварската болница, по што, поради сериозноста на повредите, во бессознание била пренесена на Клиниките „Мајка Тереза“ во Скопје. Лекарите констатирале тешки телесни повреди, а жената била задржана на лекување.
Полицијата го лишила од слобода М.М. (52) во 14:10 часот, но при приведувањето тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што повредил еден од нив.
Од МВР информираат дека станува збор за лице со нарушено ментално здравје. По приведувањето, тој бил спроведен во Психијатриската болница во Скопје.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.