Проширувањето на Европската Унија е безбедносен императив, а напредокот на Црна Гора и Албанија во евроинтегративниот процес е значаен и за Македонија, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
На заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар, таа оцени дека се забележува позитивна промена во односот на ЕУ кон Западниот Балкан.
„Мислам дека нивното напредување е и наше напредување. Но, нешто се менува и во ЕУ во однос на Западниот Балкан“, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека постепената интеграција не треба да биде замена за полноправното членство.
Во однос на македонските евроинтеграции, претседателката посочи дека сериозна пречка остануваат билатералните прашања, кои, според неа, не се поврзани со копенхашките критериуми и се спротивни на европските принципи и вредности.
На прашањето дали Хрватска и Словенија ќе застанат на страната на Македонија во спорот со Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека не побарала директна поддршка, но дека верува оти земјата ја има.
„Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна“, нагласи таа.
Претседателката посочи дека на годинешниот самит бил постигнат целосен консензус меѓу лидерите за принципите на проширувањето, добрососедските односи и билатералните прашања.
Таа им се заблагодари на Хрватска и Словенија за континуираната поддршка на земјите од Западниот Балкан, споделувањето на нивните искуства и застапувањето на интересите на регионот во Европската Унија.