МЗД го стави Тошковски на „Ѕидот на срамот“ поради застој со 8 закони за заштита на жените

by vlatko 11:30
11:30

Мрежата за заштита од дискриминацијa го постави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како втор функционер на својот „Ѕид на срамот“ поради, како што наведуваат од таму, застојот во законските реформи за заштита на жените од насилство.

Осум месеци по убиствата на Ивана и Катја и формирањето на владината работна група за измени на осум закони, до Собранието се доставени измени за само еден закон, а ниту тие сè уште не се усвоени.

Работната група била формирана на 12 март 2026 година со цел унапредување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените, а Тошковски бил еден од министрите задолжени од Владата да ја следат нејзината работа.

Од Мрежата посочуваат дека формирањето работни групи не претставува резултат само по себе и бараат од министерот да се заложи предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство да бидат усвоени најдоцна до 10 декември 2026 година.

Според објавата на организацијата, измените на единствениот закон поднесен во Собранието на 26 август 2026 година биле подготвени со лично учество на Тошковски и на министерот за социјална политика, демографија и млади. Сепак, тие сè уште не се ставени на дневен ред на пленарна седница, иако пратеничкото мнозинство го сочинуваат неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, во работната група се дискутирало за измени на уште седум закони клучни за заштита на жртвите, од кои ниту еден не е доставен до законодавниот дом.

Станува збор за Законот за полициски овластувања, Законот за бесплатна правна помош, Законот за кривична постапка, Законот за правда за децата, Законот за парничната постапка, Законот за социјалната заштита и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.

Од Мрежата бараат Тошковски јавно да објави прецизни рокови кога работната група ќе ја заврши работата и ќе ги достави овие седум закони до Собранието.

Покрај административниот застој, од Мрежата за заштита од дискриминација забележуваат дека министрите и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го избегнуваат терминот „родово базирано насилство“ и го користат исклучиво поимот „семејно насилство“.

Тие потсетуваат на случаите со Росица од Велес, Билјана од Богданци и Сара од Охрид, наведувајќи дека тие биле жртви на родово базирано насилство кое не може да се сведе само на семејно насилство.

Од граѓанската организација нагласуваат дека ефикасна заштита на жените и девојките не е возможна доколку институциите одбиваат да ги именуваат и препознаат сите форми на родово базирано насилство и кривичните дела поврзани со него.

Во текот на 2026 година во Македонија се регистрирани седум фемициди, а претходниот ден на „Ѕидот на срамот“ прв беше прозван претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Слични вести