Ако Собранието ги усвои уставните измени, целта на Европската Унија е Северна Македонија во ист ден да одржи две меѓувладини конференции со ЕУ и да го отвори првиот преговарачки кластер „Темели“, вели евроамбасадорот Михалис Рокас за „360 степени“.
-Целта ни е, штом ќе се усвојат уставните измени, да се одржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот Темели. Тоа е нашата цел. Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму – вели Рокас.
Кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права, се отвора прв, а се затвора последен.
За негово отворање се потребни патоказ за реформа на јавната администрација и патоказ за владеење на правото, со кој е поврзан и Акцискиот план за малцинствата, објаснува евроамбасадорот.
На прашањето дали трите документи веќе може да се сметаат за завршена работа, Рокас вели дека најдалеку е стигнато со патоказот за јавната администрација.
-Сè уште не се завршени. Но, патоказот за јавната администрација е речиси готов. Мислам дека практично е завршен. На другите два документа сè уште се работи, но, колку што знам, консултациите се одвиваат добро и постои волја тие да бидат завршени многу скоро – вели тој.
Прашан дали Бугарија е единствената членка на ЕУ што се противи на Акцискиот план за малцинствата, Рокас одговори дека не би сакал да шпекулира и ги пофали консултациите меѓу Скопје и Софија.
-Колку што знам, а мислам дека тоа е и јасно, меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе се водат консултации. Тие се во тек и се од општ карактер, не се водат конкретно за ова прашање. Мислам дека тоа треба да го поздравиме. Ваквата размена помага за подобро меѓусебно разбирање и за градење доверба – рече Рокас.