Под влијание на циклонска активност, до недела времето во земјава ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд во пониските места, дожд и снег на повисоките места, додека на планините врнежите ќе бидат само од снег, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Поради продор на студена воздушна маса од север, за време на викендот се очекува врнежите на одделни повисоки места да преминуваат во снег. На планините ќе врне само снег, при што се очекува формирање на нова снежна покривка.
Од УХМР предупредуваат дека локално врнежите ќе бидат пообилни, со над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, а во текот на целиот период на одделни места се очекуваат и над 80 литри на квадратен метар.
Од почетокот на следната работна седмица времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утрата ќе бидат студени, со температури кои на места ќе се спуштаат и под нулата.
Во Скопје, од вечерва до недела ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд. За време на викендот, поради продорот на студена воздушна маса, во некои од повисоките делови на Скопската Котлина дождот ќе преминува во снег.