Сопствениците и корисниците на 15-тина времени објекти на улицата Лазар Поп Трајков во скопската населба Автокоманда реагираат по најавите од Општина Гази Баба дека има намера да им ги урне времените објекти кои со децении функционираат на таа локација. Станува збор за објекти кои во најголем дел се користат за производство и услуги поврзани со храна – пекарници, сендвичарници, објекти во кои се продава скара на кило. Но, има и продавнички со колонијална стока и берберница.


Сите тие денеска имаат собир на кој го повикаа „Фокус“ за да ја раскажат својата страна од приказната за објектите кои се препознатливи за Автокоманда, затоа што се таму повеќе од половина век и во кои добар дел од жителите секојдневно се снабдуваат со неопходни прехранбени намирници.
Ордан Крстевски, Љубен и Соња Тоточевски, Ласте Димковски, Решат Халими, се само дел од нив кои ни објаснија дека се подготвени да ја водат и извојуваат оваа, како што велат, за нив битка. За која поддршка за помалку од 48 часа добиле и од повеќе од 500 околни жители кои се се потпишале на петицијата како поддршка на нивните барања. Згора на тоа во се наоѓаат во близина на основно училиште и, како што тврдат, учениците редовно се снабдуваат со оброк кај нив.
Имаат намера да побараат целосна легализација на објектите, за што, како што велат имаат и законска основа да побараат – затоа што тие со децении го имаат во владение тој простор, каде егзистираат. Но, и затоа што слични времени објекти веќе се легализирани и во нивната населба, но и во населбата Ченто, која е во исто така е во Гази Баба. Згора на тоа , поседуваат целосна документација штго низ годините ја ваделе од надлежните институции – елаборати и за животна средина и за минимални технички услови, дозволи за работа, спроведена струја, вода и одвод до и од објектите , како и адекватен пристап до улицата.
Тврдат дека ако општината навистина ги урне објектите – без работа и егзистенција ќе останат барем 60-тина вработени во бизнисите што функционираат во овие објекти. Од тие причини и се обратиле и од Општина Гази Баба и Град Скопје, како непосредно надлежни за просторот, но и до Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и до Стопанската комора и до Народниот правобранител.
Убедени се дека институциите ќе изнајдат решение кое ќе биде позитивно за нив и за нивните објекти. Во спротивно подготвени се и на порадикални мерки – како протести и блокада на улици. Подготвени се, велат, да одат до крај, но нема да дозволат нивните објекти да бидат урнати.
Подготвил:
З:Фиданоски