Самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, национален диспечерски центар, единствени стандарди за тријажа, нови возила и воведување на професијата парамедик се дел од мерките за подобрување на функционирањето на Итната медицинска помош.
Министерот за здравство Сашо Клековски попладнево преку Фејсбук одговори на бројните реакции од граѓаните, кои се пожалија на долгото чекање, недостигот на медицински екипи и одбивањето повици за интервенција.
Клековски информираше дека Владата ја усвоила информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, кој ќе располага со сопствен буџет, раководство и планирање. Овој модел би можел да се примени и во другите градови.
Предвидено е и воведување национални стандарди за тријажа, со кои ќе се утврдува итноста на повиците според единствени и транспарентни критериуми. Преку национален диспечерски центар, пак, ќе се овозможи на секој повик да реагира најблиската медицинска екипа.
Според министерот, набавени се 100 нови возила, со што бројот на функционални возила на Итната помош во земјата ќе достигне 200, а дополнителни 50 се очекуваат преку ИПА 3 програмата на Европската Унија.
Како најголем предизвик Клековски го посочи недостигот на кадар, имајќи предвид дека до 2030 година повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош ќе заминат во пензија. Во таа насока, во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на професијата парамедик.
Паралелно се реконструира Ургентниот хируршки центар и се формира Ургентен интернистички центар во рамки на Клиничкиот центар во Скопје.
Клековски призна дека сè уште останува нерешено прашањето за бројот на медицински екипи по смена, особено во главниот град.
„Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194“, порача министерот.