Додека се чека конечниот епилог од процесот на усвојување на Деталниот урбанистички план „Барутана“, кој е замрзнат по критиките на граѓанските иницијативи и одлуката на Општина Центар да нарача дополнителни студии и елаборати поврзани со безбeдноста на теренот, надвор од очите на пошироката јавност со засилено темпо се гради од другата страна на патот што води кон Водно, во непосредна близина на „Панорамика“, каде интензивно се подигаат згради и хотели.
Инаку, овој простор долго време беше регулиран со два детални урбанистички планови – „Тасино чешмиче 1“ и „Тасино чешмиче 2“, кои со текот на годините неколку пати беа менувани, така што во 2019 година тие беа интегрирани во еден план со назив „Тасино чешмиче 1 и 2“. Токму во форма како што беше прекроен и усвоен пред 7 години, овој план е на сила и денес.
Доколку се погледне ДУП-от, ќе се воочи дека по неколкуте одамна изградени објекти до „Панорамика“, на самата патна кривина од страната на хотелот предвидени се десетина станбени згради на мал простор од околу 8.500 квадратни метри. Станува збор за објекти со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје плус 3 ката, чија максимална висина може да достигне 13,5 метри.
Конкретно, веднаш покрај патот вцртани се 3 градежни парцели за 3 згради, додека зад нив има уште 3 објекти што влегуваат во 5 градежни парцели. Паралелно со нив, пак, има уште 2 градежни парцели со 2 одделни згради, а зад нив е вцртан уште еден објект со иста намена. Се на се, предвидени се 9 одделни станбени објекти за домување (А2) на овој простор кој, според проверките што ги извршивме, е во сопственост на добро позната градежна компанија.

Имено, според податоците од Катастарот на недвижности, тоа е друштвото АД „Гранит“, кое впрочем се јавува како сопственик на оваа површина претставена преку катастарските парцели 617/5, 2617/38, 2617/40, 2617/43, 2617/44, 2617/42, 2617/39, 2617/4, 2617/36, 2617/35, 2617/34, 2617/33, 2617/30, 2617/45, 2617/46, 2617/28, сите во рамки на КО Центар 2.
Уште пред 2 седмици, упативме прашање до „Гранит“ кога го стекнале ова земјиште и на кој начин – дали го откупиле од приватни сопственици или пак се работи за државно земјиште стекнато по пат на аукција? Воедно, прашавме и кога и за кој/кои од објектите добиле одобрение за градење? Сепак, досега не добивме никаков одговор.
Но, при посетата на локацијата и увидот што го извршивме на лице место забележавме дека таму веќе се одвиваат засилени градежни активности, со тоа што еден дел од овие 9 станбени објекти се во фаза на поставување на основна плоча, друг дел се во фаза на карабина, додека трет дел се во напредна фаза на изградба, со оглед дека се работат фасадите.
Притоа, од страната каде пристапивме не видовме табла со податоци за инвеститорот, изведувачот, надзорот… Меѓутоа, работниците што ги затекнавме носеа униформи со обележја на „Гранит“, кои можеше да се видат и на крановите.
На официјалната страница на оваа компанија, во делот на високоградба стои дека во изминатите 7 децении изградиле над 40.000 станбени единици со вкупна површина од над 2 милиони квадратни метри, при што во изградбата на станбените комплекси се користеле најсовремени методологии за градба и биле вградени современи материјали.
Меѓутоа, факт е дека овие податоци не се ажурирани со најновиот градежен потфат на Водно, каде што компанијата гради 9 станбени згради со приземје и 3 ката, кои по се изгледа ќе формираат еден полуотворен или полузатворен блок или комплекс.
Во врска со градежните активности кај „Тасино чешмиче“ на Водно, од О. Центар побаравме одговор колку одобренија за градба се издадени од 2019 година до денес, на кои лица и субјекти им се издадени овие градежни дозволи и за какви објекти се однесуваат тие, колку контролни надзори и на кои локации во рамки на овој опфат се направени…? И од таму не добивме никаков одговор.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
Влатко СТОЈАНОВСКИ








