Двојно убиство во Албанија: Чичко и внук застрелани во дворот на семејниот дом, напаѓачите во бегство

by irena 17:05
17:05

Крвав вооружен напад ја потресе албанската област Фиер, каде што двајца членови на исто семејство беа убиени во заседа пред нивниот семеен дом. Напаѓачите отвориле оган врз чичкото и внукот, а потоа со автомобил избегале од местото на злосторството.

Според информациите на локалните медиуми, чичкото Селами Хасани, познат под прекарот „Сел Чами“, починал на самото место. Неговиот 47-годишен внук Јакуп Хасани бил тешко повреден и итно пренесен во болница, каде што подоцна им подлегнал на повредите.

Полицијата веднаш започнала потрага по сторителите, а во селото Дерменас било пронајдено запалено возило за кое истражителите се сомневаат дека го користеле напаѓачите при бегството.

Случајот добива дополнителна тежина поради криминалното минато на Селами Хасани. Тој претходно бил осуден на 25 години затвор за убиството на Јулијан Исуафај, внук на Арбен Исуафај, кој важел за една од влијателните фигури во криминалното подземје во Фиер.

Според медиумските извештаи, Хасани бил ослободен од затвор само една недела пред да биде убиен, откако издржал 11 години од изречената казна.

Истражителите сега проверуваат дали двојното убиство е поврзано со претходни пресметки меѓу ривалски криминални групи. Засега нема информации за идентитетот на напаѓачите, кои остануваат во бегство.

Слични вести