Струјата за домаќинствата од 1 јануари би можела да поскапи за 2 до 3 проценти, а цената на парното греење да се зголеми за 6 до 8 проценти, проценува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов.
Во интервју на Сител, тој најави и нов начин на пресметување на мрежарината, со кој домаќинствата што трошат помалку струја би плаќале помал износ.
Додека Владата најавува дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане иста по Нова година, Ристов очекува евентуалното покачување да биде во рамките на 2 до 3 проценти.
Тој посочи дека се разгледува како дополнителниот трошок би се распределил низ тарифните модели.
Енергетските компании веќе ги доставиле финансиските и техничките барања, а РКЕ треба да ги донесе одлуките до крајот на годината.