Обвинение против премиерот и министерот за внатрешни работи на БиХ

by vlatko 21:04
21:04

Обвинителството на Федерацијата Босна и Херцеговина подигна обвинение против актуелниот премиер на ентитетот, Нермин Никшиќ, министерот за внатрешни работи Рамо Исак и уште пет лица, поради сомневања за здружување за вршење кривични дела, злоупотреба на службената положба и тргување со влијание.

Обвинението го поднел специјалниот оддел на Федералното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата, по повеќемесечна истрага во предметот познат како „Спенгавање“.

Покрај Никшиќ и Исак, обвинети се и поранешниот директор на Федералната управа на полицијата, Вахидин Муњиќ, полицискиот службеник Мухамед Охрановиќ, шефицата на кабинетот на премиерот Аријана Хусеиновиќ Ајановиќ, Ервин Мушиновиќ и Мирела Бубало.

Според обвинението, од април 2023 до август 2024 година биле преземани активности за повеќекратно продолжување на овластувањата на Муњиќ за раководење со Федералната управа на полицијата, спротивно на законските прописи.

На Никшиќ и Исак им се става на товар дека ги користеле своите службени позиции, како премиер и министер за внатрешни работи, за предлагање, донесување и потпишување владини решенија со кои му било овозможено на Муњиќ да продолжи да раководи со полицијата.

Обвинителството наведува и сомневања за посредување при именување роднина на Муњиќ на раководна позиција во државната поштенска компанија „БХ Пошта“, како и за влијание врз вработувања и унапредувања во полициските структури.

Во предметот се опфатени и сомневања за неовластено доставување доверливи информации поврзани со проверки и истраги на обвинителството.

Обвинителството предложило на Нермин Никшиќ да му биде забрането извршувањето на функцијата премиер на Федерацијата БиХ, а на Рамо Исак да му биде забрането да ја врши функцијата министер за внатрешни работи.

Предлогот се однесува и на забрана за извршување други службени и раководни функции во извршната власт на Федерацијата БиХ. Слични мерки се предложени и за дел од останатите обвинети.

Обвинението е доставено до Посебниот оддел на Врховниот суд на Федерацијата БиХ, кој треба да одлучи дали ќе го потврди.

За главната расправа обвинителството предложило сослушување на повеќе од 60 сведоци и изведување над 500 материјални докази.

Слични вести