Комерцијална влегува во трката за купување на Алта банка: Цената на акциите е најмалку 23 милиони евра

by irena 17:35
17:35

Комерцијална банка АД Скопје објави намера да се вклучи во процесот за купување на Алта банка АД Битола, според објавата достапна на СЕИ Нет, системот за електронски информации за котирани акционерски друштва преку кој котираните акционерски друштва ги објавуваат информациите согласно Правилата за котација на Македонска Берза.

„Согласно Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација:

Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека Надзорниот одбор на Банката, на 19.11.2026 година, донесе Одлука за учество на Банката на јавната берзанска аукција согласно Објавата за продажба на обични акции издадени од Алта банка АД Битола кои ќе бидат понудени на продажба преку Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје по пат на јавни берзански аукции, објавена на 16.11.2026 година во Службен весник на Република Северна Македонија бр.267/26“, објави Македонска берза.

Според информациите објавени од Народната банка на 16 ноември, предмет на продажба се 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции на Алта банка АД Битола. Тие се во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај.

Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, според моделот „сè или ништо“. Тоа значи дека заинтересираниот купувач треба да го преземе целиот понуден пакет, без можност да купи само дел од акциите.

Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Доколку акциите не се продадат, предвидени се дополнителни аукции на 1, 2, 3, 4 и 7 декември, при што почетната цена на секоја следна аукција ќе се намалува за 10 проценти во однос на претходната.

Намерата за учество не значи дека купувањето е завршено. За стекнување квалификувано учество во банка е потребна претходна согласност од Народната банка, а учесниците во постапката мора да ги исполнат законските услови. Народната банка ја образложи постапката со потребата да се обезбеди нов сопственик и да се создадат услови за натамошно стабилно работење на Алта банка, со зачувување на интересите на штедачите и другите клиенти.

О.К.

Слични вести