Министерот за правда, Јетон Шасивари, учествува на Втората глобална министерска конференција за ставање крај на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини, со учество на министри од 131 држава, претставници на меѓународни институции, експерти и организации од целиот свет.
Конференцијата е организирана од Владата на Филипините, во партнерство со Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, со цел зајакнување на меѓународната соработка и развивање конкретни решенија за спречување и искоренување на сите форми на насилство врз децата.
Во рамките на конференцијата, министерот Шасивари учествуваше на панел-дискусијата „Europe: Shared Challenges, Shared Solutions“, посветена на заедничките предизвици во спречувањето на насилството врз децата и можностите за нивно надминување преку координирани решенија.
Во своето обраќање, министерот посочи три суштински предизвици: ширењето на новите форми на насилство преку дигиталните технологии, недоследното спроведување на постојните законски гаранции и недоволната координација меѓу институциите надлежни за заштита на децата.
Посебно внимание беше посветено на ризиците што ги носи забрзаниот технолошки развој. Дигиталните платформи создаваат нови можности за злоупотреба, сексуална експлоатација, вознемирување и ширење штетни содржини, при што насилството може да продолжи и надвор од училиштето, семејството или средината во која детето живее. Ваквите појави бараат современи законски решенија, поефикасни механизми за пријавување, специјализирани истражни капацитети и поголема одговорност на дигиталните платформи.
Во таа насока, министерот информираше дека Македонија, како договорна страна на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, позната како Ланзаротска конвенција, презема активности за понатамошно усогласување на кривичното законодавство со меѓународните стандарди.
Подготовката на новиот Кривичен законик претставува можност за надминување на постојните правни празнини во заштитата на децата од насилство во дигиталниот простор. Една од заложбите претставени на конференцијата се однесува токму на изменување и дополнување на кривичното и поврзаното законодавство, со посебен акцент на заштитата на децата на возраст од 14 до 17 години од онлајн насилство и сексуална експлоатација.
Покрај законските измени, беше нагласена и потребата од поголема дигитална писменост кај децата, родителите, наставниците и професионалците кои работат со деца, како и од воспоставување достапни и безбедни механизми за пријавување злоупотреба. Превенцијата бара и соработка со технолошките компании за навремено откривање и отстранување содржини што претставуваат злоупотреба на деца.