Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, на 26 март 2026 година, во бројот 1590.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Кога народот должи, било кон приватен субјект, јавно претпријатие или државата, секогаш се наоѓа начин да се наплати долгот. Извршителите се на готовс и стапуваат на сцена за само неколку задоценети сметки и нерасчистени долгови. Но, кога ситуацијата е обратна, односно кога цехот треба да се наплати од државната каса, е тогаш важат други правила. Граѓаните со години, па и децении, не можат да си ги наплатат долговите или правата, поради што на правда остануваат со празни раце. На пример, доколку граѓаните должат неколку сметки за комуналии, сметката и тоа со камата, експресно ја наплаќа извршителот, но кога некое јавно претпријатие со години не плаќало пензиско или здравствено осигурување на вработен, тогаш цехот за наплата никако да се подмири.
Но, една неодамнешна пресуда од Судот за човекови права во Стразбур треба да стави крај на оваа неправда и да им го одземе статусот на „заштитени мечки“ на должниците, кои се буџетски корисници.
Дека, пак, проблемот е многу голем, а не изолиран, говори фактот што овие државни и општински органи должат над 700 милиони евра!
ГРАЃАНИТЕ ДОБИВААТ НА СУД, АМА СО ГОДИНИ ЧЕКААТ ИСПЛАТА
Нерамноправноста или привилигираната положба на државните и општинските субјекти, пред граѓаните, им ја овозможува законот, поточно членот 218 од Законот за извршување.
„(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство…“, стои во законот.
Судската пракса, пак, низ времето разви заштитнички однос кон овие државни субјекти, бидејќи покрај инвентарот, алатот и останатите средства за работа, како компјутери, механизација, згради… под неопходни предмети за работа, судиите, ги сметаат и паричните средства. Токму затоа и долговите со години остануваат неподмирени.
Поточно, судовите носат решенија во кои поставуваат граница до која сума не може да се извршат паричните долгови, односно определуваат сума што претпријатијата мораат да ја имаат како потребен минимум за да го истераат месецот. Замката се крие во тоа што овие претпријатија никогаш немаат повеќе пари од минимумот, па затоа извршителите не можат да тропнат на нивната врата.
Но, по неодамнешната пресуда на Судот за човекови права во Стразбур, заклучокот е дека на оваа неправична пракса треба да ѝ дојде крајот и сите должници да бидат еднакви пред законот.
Апликацијата ја поднесе адвокатот Костадин Богданов, инаку поранешен агент на земјава во Судот во Стразбур. Тој застапуваше десетина осигурителни, градежни и други компании, кои не можеа да си ги наплатат побарувањата од „Македонија пат“.
Европскиот суд константираше повреда на членот 1 од Протоколот број 1 (право на сопственост) на Европската конвенција за човекови права. Предмет на пресудата се постапките за неизвршување конечни и извршни пресуди и одлуки со кои му се наложува на јавно претпријатие, во државна сопственост, да им исплати на компаниите-апликанти различни суми пари.
Судот, пресудувајќи во корист на компаниите-апликанти, констатира дека во период од 2013 до 2017 година, првостепениот граѓански суд донел низа пресуди што се однесуваат на парични побарувања против должникот – јавното претпријатие, а тие пресуди сè уште не се извршени.
ВРХОВНИОТ СУД НИ РИБА, НИ ДЕВОЈКА
Врз основа на оваа пресуда, пак, Бирото за застапување на Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур треба да изработи препорака за тоа како да се постапува во иднина по вакви пресуди, а воедно да се спроведат и насоките од Европскиот суд.
Во пресудата од Стразбур се изразува став дека државата има обврска да обезбеди извршување на правосилна пресуда, без оглед дали должникот е приватен или јавен субјект, дека комплексноста на државниот буџетски систем не може да ја ослободи државата од нејзината обврска да гарантира право на спроведување правосилни и извршни судски одлуки во разумен рок и дека неизвршувањето на пресудите претставува мешање во правото на мирното уживање на правото на сопственост.
Откако заседаваше Одделот за граѓански дела во Врховниот суд, неодамна се донесе заклучок во кој го делат ставот на судот во Стразбур, дека должниците не може да се штитат со закон, но од друга страна, повторно не пресекоа за тоа како конечно да се исправи неправдата.
„Неизвршување на правосилни пресуди со утврдени парични побарувања на физички и правни лица претставува мешање во мирното уживање на правото на сопственост. Извршувањето на правосилни пресуди се осигурува со соодветни средства за намирување на побарувањата утврдени со нив и со спроведување на извршувањето во соодветно време, заради што неспојливо е со целта на извршувањето со закон истото да се ограничи или оневозможи“, се наведува во заклучокот на Врховниот суд.
Но, бидејќи во заклучокот на Врховниот суд не одредиле рок, кој би бил разумен за наплата на долговите, прашавме зошто не постапиле по барањето на Бирото за застапување на државата пред Европскиот суд, односно не одредиле времена рамка?
Оттаму ни одговорија дека Одделот за граѓански дела при Врховниот суд конкретниот Заклучок го донел согласно принципите и ставовите изразени во пресудата на Европскиот суд за човекови права, имајќи предвид да се овозможи извршување на правосилните судски пресуди и намирување на доверителите.
–Претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето на парично побарување спрема Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, при определувањето на износот на средствата на сметката на должникот кои се неопходни за вршење на неговата дејност, е надлежен да го определи времето на таквото ограничување, водејќи сметка да се овозможи извршување на правосилните и извршните пресуди во разумен рок, согласно судската практика на Европскиот суд за човекови права. При ограничување на извршувањето треба да се внимава на балансот помеѓу заштита на јавниот итерес и реализацијата на правото на сопственост, се наведува во одговорот, потпишан од Кабинетот на претседателот на Врховниот суд.
Тоа значи дека, како и до сега, временскиот рок за исплата ќе го одредуваат претседателите на судовите, но со препорака роковите да бидат разумни.
Подносителот на иницијативата, Богданов, претходно појаснуваше дека понекогаш е оправдано да се ограничи присилната наплата врз јавните субјекти, но само на краток рок. Имено, како што вели, овој рок може да се движи најмногу до една година, но никако по 13, 14, 15 години, како што сега е случај.
УСТАВНИОТ СУД ТРГНА ХРАБРО
Покрај воздржаноста на Врховниот суд по ова прашање, или немањето смелост да пресече прецизно, Уставниот суд неодамна најави дека има на ум да им стави крај на овие привилегирани должници. Поточно, до овој суд стигна иницијатива за преиспитување на членот 218 од Законот за извршување, а поради сомнеж за правна непредвидливост и неизвршување врз државни органи, општини и јавни претпријатија.
„Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение, законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата што се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
Судот се сомнева дека со вака уредената норма, правосилните пресуди, извршните решенија што ги имаат граѓаните, правните субјекти, во својство на доверители во постапките се само деклараторни, бидејќи во пракса не може да се извршат предмети или права, особено што не е јасно за какви предмети и права станува збор“, велат од Уставниот суд.
Од судот додаваат дека изразиле сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот.
„Пред Судот основано се постави и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот“, додаваат од судот.
За подносителот на иницијативата, Николче Митевски спорен е само првиот став од членот 218, но во текот на седницата Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка и за ставот 2 од Законот.
Во иницијативата, меѓу другото, е наведен и пример од праксата со кој се сведочи за неможноста да се оствари правото на пензија на лице вработено во комунално претпријатие, а на кое не му биле уплаќани придонеси, а има наполнето 15 години работен стаж. Имено, се тврди дека вработениот со неисплатени придонеси за пензија добива правосилна судска пресуда во негова корист, но не може да наплати од комуналното претпријатие и извршителот не може да преземе извршни дејствија, токму поради непрецизноста на содржината на оспорената одредба.
Уставниот суд наскоро би требало да одлучи по ова значајно прашање, а при одлучувањето, како што велат, судот ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски најави дека одлуката за овој член 218 може да направи „тектонско поместување“ и конечно да се натераат државата и општините да ги плаќаат долговите.
–Членот 218 е толку нејасна, непрецизна норма, употребува дури и некој правен стандард, неопходни за вршење на дејноста, а во вториот став од членот 218 му се дава некое дискреционо право на претседателот на судот, тој да определи кои средства се неопходни за вршење на дејноста. Многу, многу лошо нормирана норма. Нас ни е јасна целта на законодавецот. Ние знаеме што сакале да постигне. Јавени интерес, тоа се јавни претпријатија за смет, за вода, за комунални услуги, но кога ќе прочитам дека долгот само на јавните претпријатија на општините изнесува околу 200 милиони евра. Тие 200 милиони евра се нечии пари. Тие не се имагинарни, не се виртуелни пари. Тоа се пари кои некој ги побарува, изјави пред една недела претседателот на Уставниот суд, Костадиновски.
ПО ИЗЈАВАТА НА ПРЕМИЕРОТ, И УСТАВНИОТ СУД ОМЕКНА
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека не сака да се меша во одлуката на уставните судии, но истакна дека нема да дозволи колапс на државните и на општинските јавни претпријатија во однос на опасноста нивните сметки да станат отворени за принудна наплата.
–Сега го имаме предизвикот со членот 218 од Законот за извршување. Не сакам да коментирам за да не бидам сфатен дека влијаам врз одлучувањето на Судот. Но, секако дека сме свесни и тоа се некаде „долговите“ што се околу 700 до една милијарда евра. Тоа се долгови од минатото. Тоа е еден од сериозните проблеми кои се пред нас и кои ќе треба да го решиме. Ние имаме план и ќе го решиме тоа, рече Мицкоски.
Тој додаде дека тоа е еден од рецидивите од минатото, а кои, како влада, ги решаваат веќе половина од мандатот. Наведе дека сега треба да се враќаат средствата по основ на солидарен данок, како и долговите од претходната влада, во висина од 2,5 милијарди евра, во текот на оваа година.
–Затоа е многу лош концептот на државата да нема одговорност. Се однесувале девијантно, се однесувале насилнички, создавале проблеми, завршиле со мандатот и нема никаква одговорност. И сега некој друг треба да ги решава тие проблеми и треба да плаќа сметка за тоа, рече премиерот.
По неговата изјава и првиот човек на Уставниот суд ретерираше од својот првичен став за ова прашање.
–Премиерот го кажа она што во теорија се вика теорија на жив конституционализам, односно толкување на уставните норми низ призмата на тоа што се вика наша реалност. Не може Уставниот суд или кој било уставен судија да се однесува аутистички, како да не гледаме што се случува или какви се последиците од нашите одлуки. Нашата должност е таа и тоа е преточено и во акт, норма. При носењето на одлуките, уставните судии се должни да ги земат предвид сите околности што ќе значи нашата одлука за владеењето на правото, за правната држава, за правната сигурност, за правата на граѓаните. Исправени сме пред тешки предмети, имаме рецидиви од минатото и неисплатени побарувања. Тие 700 милиони евра не се направени за еден месец, една година, се таложеле. Секако дека ќе ги имаме предвид овие околности. И во никој случај, го кажувам ова како личен став, не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата, се корегираше Костадиновски.
Како тргнала работата, и покрај тоа што пресудата на Судот за човекови права во Стразбур е облигаторна, сепак по „мекиот“ и нерешителен став на Врховниот суд, а сега и „омекнувањето“ на претседателот на Уставниот суд, може да се претпостави на каде ќе огрее сонцето. Повторно стапот ќе удри по грбот на граѓаните, иако по сите слова правдата е на нивна страна!