СДСМ: Латас и Бетмен ја бранат Вучиќевата Алта банка за која се појавија сомнежи дека печатела лажни пари

by irena 10:19
10:19

Додека Мацура во Србија се наоѓа во притвор поради сомнежи поврзани со изнесување близу 400 милиони евра, во Македонија Алта банка ја бранат Латас, Бетмен и други лица кои СДСМ ги нарекува квазиексперти блиски до ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението на опозициската партија.

Од СДСМ обвинуваат дека станува збор за одбрана на, како што велат, „Вучиќевата банка“ и „банкарот на Мицкоски“.

Партијата се повикува на информации објавени во српските медиуми, според кои постојат сомнежи дека Мацура дошол на идеја да печати фалсификувани банкноти поради контрола од Народната банка. Според овие наводи, во секој сноп банкноти од 500 евра само првата и последната биле вистински, додека останатите наводно биле отпечатени во приватна печатница.

„Ова е банката што Мицкоски ја внесе во Македонија. Ова е банката за која Славески даде дозвола. Ова е банката во која се парите на јавните претпријатија и на граѓаните“, наведуваат од СДСМ.

Опозициската партија упатува сериозни обвинувања кон гувернерот Трајко Славески, тврдејќи дека со издавањето дозвола за работа овозможил влез на банка за која СДСМ изнесува сомнежи дека е поврзана со перење пари стекнати преку криминал, корупција и трговија со дрога.

Од СДСМ тврдат и дека премиерот Христијан Мицкоски јавно признал оти бил вклучен во случајот со банката, како и во случајот со осигурителната компанија.

Поради тоа, партијата најавува поднесување кривични пријави против гувернерот Славески и против сите лица за кои смета дека биле вклучени во процесот на влез на Алта банка на македонскиот пазар.

Во соопштението се прави споредба и со постапувањето на институциите во Србија, каде што, според СДСМ, секојдневно се спроведуваат апсења и се отвораат истраги, додека во Македонија власта поднесува пријави против опозицијата за наводно ширење паника.

„Паниката ја направија тие кога ја донесоа криминалната банка, воведоа присилна управа и им ги блокираа парите на граѓаните“, обвинуваат од партијата.

СДСМ дополнително го отвора прашањето за 80 милиони евра кои, според партијата, се прикажани во извештајот на Алта банка Битола, барајќи да се утврди дали овие средства навистина постојат или се евидентирани само на хартија.

„Вистината излегува. Бандата ќе одговара“, порачуваат од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Слични вести