Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на денешната собраниска расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ја обвини Владата дека со државните пари управува како со партиска сопственост, игнорирајќи ги предлозите и потребите на граѓаните.
Тој посочи дека од вкупно 124 амандмани поднесени од опозицијата, владејачкото мнозинство не прифатило ниту еден, што, според него, покажува дека политичките интереси се ставаат пред јавниот интерес.
„ВМРО-ДПМНЕ има парламентарно мнозинство, но нема монопол врз јавниот интерес. Буџетот на Р. Македонија не е партиска сопственост“, истакна Мециновиќ.
Меѓу одбиените амандмани, како што наведе, биле предлози за следење на загадувачите, подобрување на социјалната заштита и инфраструктурата. Тој ја критикуваше Владата и за недостигот од средства за нови автобуси во Скопје, како и за нерешените прашања поврзани со рудниците во југоисточниот дел на земјата и проектите Чебрен и Галиште.
Мециновиќ оцени дека носењето втор ребаланс само два месеци по претходниот укажува на лошо буџетско планирање.
Од Левица порачаа дека ваквиот пристап ја исклучува опозицијата од одлучувањето за јавните финансии и најавија дека нема да го легитимираат, барајќи суштинска расправа за предлог-буџетот за 2027 година.