Владата на денешната седница ја усвои потребата од итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит. Од Министерството за правда велат дека со ова ќе се обезбеди независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на предложеното решение со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Во рамките на постапката, известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
Предвидени се и практични демонстрации на двата дела од испитот. Писмениот дел ќе биде презентиран во Апелациониот суд во Скопје, додека демонстрацијата на усниот дел ќе се одржи во Министерството за правда.
Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Прашањето за јазикот на кој ќе се полага правосудниот испит предизвика политички реакции и несогласувања. Според досега презентираниот предлог, теоретскиот дел би можел да се полага на јазикот на кој кандидатот ги завршил студиите, додека практичниот дел, кој вклучува симулација на судска постапка, би се полагал на македонски јазик.
Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, а нејзиното мислење треба да придонесе за правна проценка на предложеното решение.