(Видео-интервју) проф. д-р Татјана Стојановска: Фемицидот кај нас е длабок општествен проблем!

by jadranka 17:42
17:42

Станува збор за длабок општествен проблем, а не за изолиран случај, бидејќи ние во континуитет, ако ги земеме предвид последните години, имаме случаи на фемицид кои се јавно познати. А, да не зборуваме за случаи на семејно насилство, во кои има физички повреди и да не се зборува  за сајбер, психолошко насилство кои дефинитивно покажуваат дека и тоа како имаме длабок општествен и сериозен проблем со една од најспецифичните општествени девијации, а тоа е насилството.

Вака, во видео разговор за „Фокус“,  социологот и универзитеска професорка д-р Татјана Стојановска го оценува она што пред некој ден се случи во Богданци, каде брутално беше убиена и запалена 17-годишната Билјана Ќириќ, случај што ја шокираше македонската јавност, но и кој претставува уште еден од низата насилства врз жените кои, за жал како во овој случај, завршуваат со фемицид. Таа дава и оценка за тоа дали се уште на овие простори постои културата на премолчување на семејното насилство и насилство врз жените, ако се земе предвид дека во последните неколку случаи зачестија пријавите за такви нешта.

„Патријархализмот, автократијата и авторитарно семејство е едно, а од друга страна имаме традционални вредности кои и тоа како се за респект – почит, толеранција и одговорност кои се ооштествено суштествени. Но, ние овде ‘градиме и надградуваме’ култура на насилство. И,во таква култура живееме. Насилство во секој сегмент – каде што се одобрува тоа, каде што насилството раѓа насилство, каде пресираниот пресира. И на мас медимуите ние секојдневно се соочуваме со таа култура на насилство. За жал, затоа што ние треба да градиме субкултура на позитивни вредности, ние обратно од тоа надградуваме девијација“, посочува Стојановска.

Таа оценува дека Македонија има проблем со т.н. толеранција кон насилството, бидејќи сите овие трагедии не се изолирани случаи, а принципот на неказнивост е еден од клучните фактори за тоа.  Во средини каде стравот и срамот се присутни најчество ваквите насилства се оставаат на страна и не се пријавуваат, што е сосема погрешно. А, ова е и пред се е и институционален проблем во кој одговорноста како топка се префрла од еден на друг, смета Стојановска.

Подготвиле: 

З.Фиданоски – Т. Георгиев

Слични вести