Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Моите говори и дискусии на Конференцијата за Југославија ги пишував своерачно на англиски, најчесто пред самите пленарни сесии, во хотелска соба или во владиниот авион, во текот на летот до Хаг или до Брисел. Бидејќи војните во Југославија ги прекинаа комерцијалните летови, двете авиончиња на владата, кои не ми изгледаа во добра кондиција, беа единствениот брз начин да се излезе од Македонија. Наутро, гледајќи го минијатурниот катанец на хангарот на скопскиот аеродром, во кој беа сместени воздухопловите, а свесен за слабите безбедносни мерки и за опасните времиња во кои живеевме, при секое полетување во себе повторував една мантра, што од кориците на истоимената книга долета во моите мисли – „Brave New World“. И помислата дека летаме преку „непријателски територии“, од кои лесно се пука врз воздухоплов кој нема никаков систем на безбедност, не ми го разубавуваше денот или ноќта.
За среќа, мислите одеа и во други насоки. Вечерните летови од Хаг или од Брисел будеа и други асицијации. Светлината и темнината под нас ми стана своевидна парадигма за целта кон која ја движиме државата. Блескотеше над Холандија, Белгија, Германија и Австрија – осветлени градови, села, па дури и автопатишта… Веќе над Словенија, полека, светлата се гасеа. Во Хрватска и потака во темниците на Босна, црната ноќ молњевито го голташе блесокот на испуканите гранати насочени кон етничките непријатели во една бесмислена војна. Потоа следуваше навидум спокојната балканска темнина над Србија и Македонија. Мора да се приклучиме на светлината, беше мислата што ме опседнуваше при секој следен лет, некогаш и по три или четирипати неделно. Сега откога ни се укажа шансата да станеме дел од политиката, културата и економијата на демократска Европа, ние, претставниците на републиките и на идните суверени држави, требаше да имаме еден императив пред нас – да ѝ ставиме крај на војната на конференциската маса. Меѓутоа, нашата „љубов“ кон светлините на Западот, за нас, народите на Балканот, беше проблематична. Во нашето секојдневно поведение ги сакавме производите на западната цивилизација (не можеме да живееме без автомобили, телевизори, компјутери, авиони, фрижидери, мобилни телефони и што уште не), но не ја сакаме работната етика што ги произвела. Така и со нивната политика. Не можевме да разбереме дека тајната на нивната демократска Европа без граници, која живее во мир, се должи на волјата и дисциплината на нивните политичари да се спротивстават на сопствените национализми. Тоа беше политичкиот тренд тогаш, а сега, шансите да се промени кон нациоанлизам драматично растат.
КОМПЛИМЕНТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА И ЦРНА ГОРА
Конференцијата забрзано ги подготвуваше своите одлуки, како и завршниот документ. Поканите од лорд Карингтон до министрите за надворешни работи одеа преку амбасадата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во Хаг, Холандија. Амбасадорот Борут Бохте, Словенец, ги испраќаше до Сојузниот секретаријат за надворешни работи во Белград за потоа тие да бидат препратени до министрите за надворешни работи на републиките. Така, на 1 октомври стаса покана, во која, пред пленарната седница што беше закажана во 10 часот, лордот Карингтон закажува одвоени состаноци со Шепаровиќ од Хрватска во 8 часот, Рупел од Словенија во 8.20, Јовановиќ од Србија во 8.40, со Силајџиќ од Босна и Херцеговина во 9 и со Лончар, кој ја застапуваше СФРЈ, во 9.20 часот. Во посебна информација на амбасадорот Бохте ја добиваме следната депеша напишана на српско-хрватски.
„Изоставувањето на Црна Гора и на Македонија од списокот на одвоени средби не значи запоставување на овие републики или нивно ставање во втор план. Лордот Карингтон смета дека во оваа фаза нема особена потреба од одвоени разговори со Црна Гора и со Македонија, бидејќи тие засега не се инволвирани во воените судири, а, од друга страна, ставовите на Македонија се оценети како најконструктивни, па затоа не се потребни посебни разговори и убедувања во четреи очи. Изоставувањето на Црна Гора и на Македонија од списокот за одвоени разговори може да се смета за комплимент за овие републики“.
ПЛАНОТ НА МИЛОШЕВИЌ И НА МИЦОТАКИС ЗА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА?
Шестмесечното претседателство на Холандија со Заедницата заврши. Решение сè уште немаше на повидок. Воените дејствија во Југославија се проширија од Словенија во Хрватска и натаму кон Босна. Конференцијата, бездруго, во договор меѓу Португалија и Белгија, се префли во Брисел во еден дворец, во центарот на градот, кој имаше некаков депанданс, во кој веројатно, во минатото била сместена послугата со неколку скромно наместени соби, по една за секоја делегација од републиките, во чие ходниче се провираа Туѓман, Милошевиќ, Кучан, Булатовиќ, Изетбеговиќ и Глигоров, заедно со министрите за надворешни работи и нивните соработници. Церемонијалните дочеци на аеродромите, пространите простории за делегациите на републиките во Министерството за надворешни работи на Холандија и другите љубезности со кои нè удостојуваа странците станаа минато. Сепак, најтешко од сè ми беше растечката антипатија кон нас самите, луѓе на кои им беше доверена сета поддршка да ги спасат своите народи од војна, а тие го правеа спротивното. Бестијалностите на војната, катадневно присутни на телевизиите на Европа, со препорака, како онаа во Скандинавија дека е пожелно, поради ужасите што ќе следат, децата да се тргнат од пред екраните, го уриваа целиот наш углаед како луѓе во потрага по мир. И додека на Конференцијата сè повеќе завладуваше начелото „секој за себе“, во европската и во светската јавност почнаа да нè ставаат сите во еден кош или, подобро речено, во акта за ѓубре, мислам. Во таквите околности не беше лесно да се сочува личното достоинство и достоинството на народот што го претставувавме. Господарите на војната, Милошевиќ и Туѓман загосподарија со Конференцијата. Седнати на левата и на десната страна од Карингтон, на ручеците во бриселскиот дворец, изгледаа како увитени вулкани што само што не еруптирале.
На еден таков ручек, португалскиот дипломат и помошник на Карингтон, Кутиљиеиро ја крена белата салвета за да ја покрие устата, се наведна кон мене и прошепоти со поглед упатен кон Милошевиќ, седнат токму спроти нас:
„Овој неодамна му понудил на Мицотакис да ја поделат Македонија“.
Дали претставникот на ЕЗ кажува вистина или станува збор за интрига против Милошевиќ со цел да се ослабнат српските позиции, се прашав. На паузата за кафе, му ја кажувам случката со Кутиљеиро на претседателот Глигоров. Малку потоа го забележува Глигоров како му приоѓа на Милошевиќ. Разговараат. Претседателот подоцна ми рече дека отишол да ја провери информацијата кај Милошевиќ, кој, се разбира, ја отфрлил како невистинита. Наивност на Глигоров или некаква итрина? Официјален документ за овој настан нема. Но, многу години подоцна, во сведоштвото на еден грчки дипломат, директен учесник во разговорот на Милошевиќ со Самарас, во книга објавена на англсики насловена „The Unholy Alliance“, која ја имам во мојата библиотека, се тврди дека таква понуда навистина се случила.
„ХАЈ-ХУЈ“ АТМОСФЕРА
Односот на Глигоров кон опасностите врзани со неговата функција во свирепи и турбулентни времиња редовно ме ставаше на мисла. Кога, во една пригода во Њујорк му реков дека еден човек обезбедување ми изгледа недоволно, тој ми одговори: „Види Денко, ако некој наумил да те убие, џабе ти е обезбедување, ќе најде начин“.
Во друга пригода, кога го посетив во вилата „Билјана“ во Охрид, забележав еден полицаец долу кај рампата, двајца од неговото обезбедување, кои седеа и разговараа со послугата од кујната, која, пак, беше прилично оддалечена од терасата на која седевме ние двајца. Во трета околност, закана со убиство од некаква македонска организација од Австралија, упати писмо со иста содржина и до мене, во Парламентот претседателот Глигоров ја коментираше со зборовите дека и онака е стар, па ако одлучиле… Секогаш сум мислел дека одговорот кон оние што се закануваат по животот мора да биде дека немаат шанса тоа да им успее поради ефикасноста на нашите тајни служби или нешто слично. Се разбира, зборовите мораа да бидат проследени со дела што создаваат такви служби. Тоа не беше лесно да се стори. Дури и кога ќе се обезбедеа инструменти, како детектори за метал на влезот на нашите политички институции, како Собранието на пример, луѓето од безбедноста не стоеја покрај нив, како на Запад, туку седеа во дното на холот, а свирењето на детекторот ги развеселуваше познаниците и тие другите. За волја на вистината, оваа „хај-хуј“ атмосфера, ова комотно и неодговорно поведение владееше насекаде во целото општество. Имав впечаток дека луѓето не сакаа да знаат за опасните времиња низ кои едвај се провиравме.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО ЗА МИЛОШЕВИЌ
Конференцијата за Југославија беше сериозно расклатена од војните, кои, наместо да стивнуваат, се распламтуваа. „Словенија сака да замине, а Србија со сета сила ја турка надвор“, ми вели резигнирано лорд Карингтон, загрижен за исходот на мировниот процес.
Уште на самиот почеток на Конференцијата, со Карингтон се согласивме дека е важно сите републики да останат на преговарачката маса сè до финалното решение на спорот. Правното и политичкото, а не насилното расплеткување на југословенските јазли беше особено важно за двете најранливи југословенски републики Македонија и Босна и Херцеговина. Предвидувањата за Босна, во која перманентно се слеваше оружјето на ЈНА од Словенија и од Хрватска, беа дека земјата ја чека вистинска воена катастрофа. Залудни беа очајните повици на претседателот Изетбеговиќ и на министерот за надворешни работо, Силајџиќ, некој да стори нешто.
Значи, по ова многу битно прашање, право или сила, се разликуваа македонските, како впрочем и босанските државни интереси од тие на Србија, Словенија и Хрватска. Нивната моќ, вистинска или потенцијална, како и нивната геополитика, им овозможуваше и алтернатива на политиката на мирот. Хрватска, за волја на вистината, тогаш губеше на бојното поле, меѓутоа имаше силни поддржувачи во странство на кои можеше да смета во блиска иднина. Во обидот да ги вразуми Србите, лорд Карингтон, како што рече во една пригода, го предупредил Милошевиќ во четири очи, да не се залажува со моменталните воени успеси на теренот. Германија, му рекол, ќе ја вооружа Хрватска и таа ќе ја победи Србија. Залудно. Милошевиќ, водачот на српскиот национализам беше и заробеник на истиот тој национализам. Немаше веќе никаков избор – мораше да оди до крај, до пораз на својата држава, потоа до затворот во Хаг и конечно до својата смрт. Но, во моментот што го опишувам, Милошевиќ се чувствуваше многу жив и многу силен. Пукотниците во разните делови на Југославија продолжија. Продолжија и обидите на Конференцијата за Југославија да произведе мир со политички решенија за кризата. Се подготвуваше финалето на тешкиот процес на преговарање меѓу сите релевантни политички фактори во републиките, сега зајакнато со комплетното претседателство на СФРЈ.
(Продолжува)