Бизнисменот Зоран Азманов, претседател на Надзорниот одбор и директор на градежната компанија „Настел“, утрово бил физички нападнат во Основниот граѓански суд во Скопје.
Според информациите, инцидентот се случил за време на судење, но не е јасно која била причината за нападот, ниту дали Азманов е повреден.
Азманов го пријавил случајот во полиција, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
„Единицата за насилен криминал – Одделението за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ѓ.С.(61) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „насилство “ и „загрозување на сигурноста“ по чл. 386 и чл.144 од Кривичниот законик. Имено на 06.11 .2026 во Основен граѓански суд-Скопје пријавениот физички го нападнал З.А.(67) од Скопје и упатувал закани кон него и неговата адвокатка“, соопшти МВР.
Денеска Кривичен суд му ја одзеде патната исправа на напаѓачот на Азманов, му изрече забрана за приближување до Азманов и обврска да се јавува во судот.