Вкупно 43 возачи на товарни возила биле санкционирани во Скопје за време на засилената сообраќајна контрола што ја спроведе полицијата во текот на вчерашниот ден.
Акцијата ја реализираше Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје на 5 ноември, во периодот од 9:00 до 16:00 часот, со посебен фокус на откривање неправилности при управувањето со товарни моторни возила, претовар, неправилно обезбеден товар и техничка неисправност.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, од вкупно 43 изречени санкции, седум прекршоци се однесувале на неисправни светлосни уреди, девет на неизложени знаци за ограничување на брзината, а 16 на други сообраќајни неправилности.
Полициските службеници регистрирале и два случаи на претовар на возилата, шест прекршоци за неносење соодветна опрема, како и едно технички неисправно возило поради проблеми со уредот за запирање.
Дополнително, санкциониран бил еден возач кој управувал товарно возило без соодветна категорија, како и еден возач кој не застанал на знак „стоп“ даден од полициски службеник.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.