Во недела протест во Скопје по убиството на 17-годишната Билјана

by irena 15:59
15:59

Убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, кое повторно ја потресе македонската јавност, предизвика повик за масовен граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. Во недела, на 8 ноември, со почеток во 12 часот, граѓаните ќе се соберат во паркот „Жена Борец“ во Скопје, од каде ќе започне протестен марш со кој ќе се побара одговорност од институциите за заштитата на жените и девојките.

Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, составена од активистки и активисти кои предупредуваат дека насилството врз жените не смее повеќе да се третира како изолиран проблем, ниту убиствата да се сведуваат на статистика и краткотрајни реакции во јавноста.

Повод за протестот е последниот случај на фемицид во Богданци, каде животот го загуби малолетната Билјана Кириќ. Според организаторите, особено загрижувачки е тоа што девојката претходно пријавувала насилство и закани по нејзиниот живот, а биле изречени и мерки за заштита. И покрај тоа, таа била убиена од својот партнер.

За активистите, овој случај повторно го отвора прашањето дали институциите навремено реагираат на пријавите за насилство, дали постојните механизми за заштита функционираат и кој ја презема одговорноста кога жените кои побарале помош сепак стануваат жртви.

„Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, прашуваат од иницијативата „Ниту една повеќе!“.

Организаторите посочуваат дека зад секое од овие имиња стои изгубен човечки живот, семејство кое останало без својата најблиска личност и прашања за тоа дали трагедијата можела да биде спречена.

Според нив, по секој нов случај на фемицид јавноста слуша институционални соопштенија, најави за проверки, ветувања за подобра координација и пораки за нулта толеранција кон насилството. Но, како што оценуваат, ваквите реакции немаат вистинска тежина доколку не се проследени со конкретни мерки, навремена заштита и утврдување одговорност за евентуалните пропусти.

Тие предупредуваат и дека убиствата на жени не смеат да се претставуваат како „љубовни драми“, семејни недоразбирања или поединечни трагедии, бидејќи на тој начин се потценува сериозноста на родово базираното насилство и се одвлекува вниманието од потребата за системска превенција.

Протестниот марш во недела ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието на Република Северна Македонија и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Со маршот, организаторите сакаат да испратат порака до надлежните институции дека борбата против насилството врз жените бара конкретни одлуки и постапување, а не само декларативни заложби.

Едно од главните барања е спроведување целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ, со посебен акцент на постапувањето на институциите по претходните пријави за насилство и закани.

Активистите бараат да се испита дали сите надлежни институции ги презеле законски предвидените мерки, дали постоела соодветна процена на ризикот и дали имало пропусти кои можеле да влијаат врз заштитата на девојката. Доколку бидат утврдени пропусти, бараат конкретна одговорност.

Меѓу барањата е и итно доставување и усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, за кои организаторите наведуваат дека биле поднесени во Собранието уште во август.

Дополнително, иницијативата бара враќање на поимот „род“ во сите закони, упатства и програми од кои бил избришан, оценувајќи дека неговото присуство е важно за препознавање и спречување на родово базираното насилство.

Организаторите бараат и разрешување од јавни и раководни функции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените или преку своите јавни настапи го оправдуваат, релативизираат и нормализираат насилството.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат од иницијативата, нагласувајќи дека целта на протестот не е само да се изрази револт по последното убиство, туку да се изврши јавен притисок за суштински промени во системот за заштита.

Организаторите потенцираат дека протестот е исклучиво граѓански и дека нема да дозволат негово користење за партиска промоција.

Тие ги повикуваат политичките партии своите институционални механизми и канали на дејствување да ги насочат кон исполнување на барањата, но нагласуваат дека партиски обележја, знамиња, организирани партиски настапи и политичка промоција не се добредојдени.

Со протестот во недела, иницијативата „Ниту една повеќе!“ бара прашањето за фемицидите да не исчезне од јавноста по неколкудневно медиумско внимание, туку да остане во фокусот сè додека не се обезбеди поефикасна заштита на жените и девојките.

Слични вести