Шпанскиот фудбал се прости од Хесус де Мигел, фудбалерот од Тенерифе кој почина на 31-годишна возраст по страшен судир со голманот на Андора, Овоно.
Напаѓачот денеска беше погребан во неговиот роден град во провинцијата Толедо, а на последното испраќање присуствуваа членови на семејството, пријатели и соиграчи.
🎥 La plantilla del CD Tenerife llega para acompañar a la familia, seres queridos y compañeros de Jesús de Miguel. https://t.co/1iaThVB3ab
— Todo Goles Radio (@TodoGolesRadio) November 5, 2026
Меѓу присутните беа претседателот на Шпанската фудбалска федерација – Рафаел Лузан, селекторот на националниот тим – Луис де ла Фуенте, како и претседателот на Реал Мадрид – Флорентино Перез.
Од Де Мигел се прости и Предраг Мијатовиќ.
Особено трогателна порака упати претседателот на Здружението на професионални фудбалери на Шпанија, Давид Аганзо, кој побара натпреварувањето да биде прекинато, а претстојното коло да се одигра во знак на жалост.
„Прекинувањето на натпреварувањето е прашање на здрав разум и хуманост. Ја разбирам економската страна, но денес Хесус нè напушти. Денес го погребуваме. Има доволно време за фудбалот и за натпреварувањето“, изјави Аганзо.
Тој потсети дека Де Мигел бил член на управниот одбор на здружението и дека се залагал за фудбалери од сите натпреварувачки категории. Исто така, истакна дека тој тукушто почнал да ги остварува своите соништа, поради што неговото прерано заминување е уште потешко да се прифати.
Претседателот на Федерацијата, Рафаел Лузан, и селекторот Де ла Фуенте, исто така, дојдоа да ѝ дадат поддршка на семејството.
Лузан изјави дека нивното присуство е најмалото нешто што можат да го направат, додека селекторот истакна дека сакаат да ја споделат болката и да покажат солидарност и почит кон роднините на починатиот фудбалер.

Инаку, познати се и првите резултати од обдукцијата, кои покажуваат дека смртта настапила како последица на трауматска повреда на градниот кош.
Според прелиминарните наоди, станува збор за повреда што можела да доведе до смрт. Сепак, форензичките испитувања сè уште не се завршени, па конечниот извештај се очекува во наредниот период.
Во меѓувреме, истрагата продолжува. Надлежните се обидуваат да ги реконструираат сите околности на несреќата, а посебно внимание се посветува и на медицинската помош што Де Мигел ја добил веднаш по кобниот судир.
Медицинскиот тим неколку минути се борел да ја стабилизира состојбата на несреќниот фудбалер, кој потоа бил изнесен од теренот на носилки и итно префрлен во болница. Тој бил примен во исклучително тешка состојба, а за време на транспортот доживеал срцев застој.
Лекарите успеале да му го вратат пулсот, но неговата состојба подоцна повторно се влошила. Во вторникот наутро пристигна веста што го потресе шпанскиот фудбал – Де Мигел починал.
Трагедијата би можела да добие судска завршница.
Според информациите што се појавија во врска со случајот, голманот на Андора би можел да се соочи со кривична постапка под сомнение за убиство од небрежност, за што е предвидена казна затвор во траење до четири години.