Израелски хирурзи помагаа во 16 операции на повредени од пожарот во „Пулс“

by irena 16:07
16:07

Вкупно 16 хируршки операции и 24 специјалистички прегледи на повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се реализирани со помош на медицинскиот тим од израелскиот центар „Шеба“, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

На денешната прес-конференција, Клековски истакна дека лекувањето на повредените продолжува и по завршувањето на нивниот болнички третман, преку дополнителни операции, специјалистички контроли и рехабилитација.

Интервенциите што ги извршиле израелските и македонските медицински тимови биле насочени главно кон шаките и рацете, со цел подобрување и враќање на нивната функција.

Меѓу медицинските постапки биле отстранување и корекција на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и пресадување кожни транспланти со полна дебелина.

На прес-конференцијата присуствуваа и д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при медицинскиот центар „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани, како и д-р Гордана Георгиева од работната група на Министерството за здравство.

„Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација“, изјави Клековски.

Слични вести