Обезбедена „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, терапијата ќе биде достапна за 126 лица

by irena 11:32
11:32

Обезбедена е современата модулаторна терапија „Трикафта“ за сите пациенти со цистична фиброза кај кои постои соодветна медицинска индикација, информираат од Универзитетската клиника за детски болести.

Како што соопштија од Клиниката, од оваа година во Македонија вкупно 126 пациенти со цистична фиброза, постари од две години и кои ги исполнуваат медицинските критериуми, ќе имаат пристап до современата таргетирана терапија.

Станува збор за значаен напредок во лекувањето на оваа ретка генетска болест, која најмногу ги погодува белите дробови и дигестивниот систем. Цистичната фиброза предизвикува создавање густ и леплив секрет во организмот, што може да доведе до чести белодробни инфекции и сериозни здравствени компликации.

„Ова е значаен исчекор во третманот на цистичната фиброза во нашата држава“, посочуваат од Клиниката за детски болести.

„Трикафта“ е комбинирана терапија која делува на неисправниот протеин предизвикан од генетските мутации одговорни за болеста. За разлика од традиционалните третмани кои главно ги ублажуваат симптомите, оваа терапија делува на основниот механизам на болеста и може значително да ја подобри белодробната функција и квалитетот на живот на пациентите.

Слични вести