Деветнаесетгодишен младич од Србија исчезна во саботата на планината Триглав во Словенија, највисокиот врв на Јулиските Алпи. Тој се упатил по исклучително тешка планинарска патека преку Племенице, по што му се губи секаква трага. Спасувачите ги пронајдоа неговите лични предмети и траги во снегот, но сè уште не успеале да го лоцираат, пренесува словенечкиот медиум „24ur“.
Словенечката полиција добила пријава за неговото исчезнување во неделата, на 1 ноември, нешто пред 20:00 часот. Во потрагата се вклучени припадници на Планинската спасувачка служба од Бовец и Мојстрана.
На надморска височина од 2.130 метри, спасувачите пронашле предмети што му припаѓаат на исчезнатиот младич. Утрово, исто така, забележале траги од чекори во снегот кои воделе надолу, до надморска височина од приближно 1.900 метри.
Таму трагите завршуваат, откако биле избришани од силните ветрови. Во истата област се пронајдени уште неколку лични предмети на младичот.
Потрагата дополнително ја отежнуваат лошите временски услови. Полициската управа од Нова Горица соопшти дека употребата на хеликоптери не е можна поради силните ветрови и густата облачност.
Патеката преку Племенице – позната и како „Бамбергова патека“ (Bambergova pot) – е една од најпредизвикувачките обележани планинарски патеки на Триглав. Таа минува низ стрмни и изложени делови на планината, каде што снегот, мразот и силните ветрови дополнително ја зголемуваат опасноста.
Потрагата продолжува под координација на Полициската станица Бовец. Засега нема информации за тоа што му се случило на младичот, ниту каде се наоѓа во моментов.