Министерката за образование Весна Јаневска денеска влезе во „инспекција“ во реновираниот дом „Стив Наумов“, каде ноќта студенти реагираа дека им протекувало од таванот, но и дека радијаторите биле премногу бучни.
На снимката објавена од „Сител“, таа прво прашуваше студенти дали имаат влага, глувци и лебарки.
Еден од нив се пожали на вечерата дека „почесто има кроасан и млеко“, а потоа Јаневска кажа „не се распаѓа ништо, не тече ништо“, па го допре парното дали е топло.
Воедно, на прашањето „дали шушти парното“, од студентот доби одговор „Кај нас – не“.
Потоа, на друга локација таа пред камерата уверуваше дека „не тече никаде“, додека во мензата исто така испрашуваше двајца студенти, кои, негираа дека имаат проблеми.
„Ако има проблем, ќе го решаваме“, констатираше Јаневска.
Инаку, како што објави платформата „Студентарија“, студенти синоќа им пратиле видеа на кои се гледаше вода што тече од плафони на соби, но се слушаше и силна бучава од системот за греење. Меѓу другото, на едното од видеата се гледаше и како е поплавена соба, со вода што се разлева меѓу шкафови и кревети.
„Станува збор за студентски дом, кој оваа академска година повторно прими студенти откако беше темелно реновиран, поради што ваквите проблеми дополнително отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето на студентите“, посочија од „Студентарија“ преку Инстаграм.