Авион принудно слета во Сплит, имаше технички потешкотии

by irena 16:46
16:46

Авион на британската авиокомпанија „Jet2“, кој во денеска летал од грчкиот остров Самос кон Манчестер, извршил принудно слетување на аеродромот „Свети Јероним“ во Сплит, откако екипажот прогласил вонредна состојба поради технички потешкотии.

Во авионот од типот „Боинг 737-800“ имало 165 патници и шест членови на екипажот. Сите слетале безбедно, а според информациите достапни на порталот „Далмација Данас“ (Dalmacija Danas), нема повредени лица.

Станува збор за летот LS1750, кој во системот за следење на воздухоплови „Flightradar24“ бил заведен под ознаката EXS29H. За време на летот, екипажот го активирал меѓународниот код 7700, кој служи како сигнал за општа опасност до контролата на летање. Ваквиот сигнал му обезбедува на авионот приоритет и посебно внимание од надлежните служби, но сам по себе не открива која е причината за вонредната состојба.

Податоците за летот покажуваат дека авионот ја променил планираната рута и се пренасочил кон Сплит. Пред слетувањето, леталото кружело над морето во близина на Трогир и Сплит.

Од аеродромот во Сплит потврдија дека во 14:20 часот добиле известување за принудно слетување од Хрватската контрола на воздушна пловидба. Веднаш била активирана процедура за целосна подготвеност, согласно планот за вонредни ситуации.

„Сите надлежни служби на аеродромот, како и надворешните служби за итни интервенции, беа во состојба на готовност и подготвени за прифаќање на авионот“, соопштија од аеродромот.

Процедурата за целосна подготвеност била завршена во 14:42 часот, по што воздушниот сообраќај продолжил да се одвива нормално.

Досега не се објавени подетални информации за природата на техничките потешкотии што довеле до принудното слетување.

Слични вести