Непознат напаѓач избоде жена на улица во Париз додека таа шеташе во близина на својот дом со нејзината шестгодишна ќерка, пишува денеска „Фигаро“, повикувајќи се на извор од обвинителството.
Инцидентот се случи вчера на авенијата „Симон Боливар“, кога маскирано лице ја повреди жената, која потоа беше пренесена во болница.
„Напаѓачот ја фати за врат и ја прободе со нож од десната страна, по што побегна“, тврди изворот.
Жената побара спас во блиското кафуле, каде што двајца келнери ѝ помогнаа пред да пристигнат службите за итна помош.
Нејзиниот живот повеќе не е во опасност и таа се наоѓа во стабилна состојба.
„Според првичните изјави на жртвата, таа не го познавала лицето кое побегнало“, изјави извор од париското обвинителство.
Отворена е истрага за обид за убиство.