(ВИДЕО+ФОТО) Од старо маало со трошни куќи, Крњево се претвора во „урбана џунгла“!

На површина од околу 95 илјади квадрати метри, веќе се градат 9 станбени објекти во скопското маало Крњево, додека урбанистичкиот план предвидува многу повеќе.

by vlatko 13:22
13:22

На површина од околу 95 илјади квадрати метри, моментално се градат 9 станбени објекти во старото скопско маало Крњево, лоцирано меѓу кампусот на УКИМ и трговскиот центар „Ист Гејт“, каде што периодов се одвива вистинска градежна офанзива. Откако беше укинат неколкугодишниот мораториум во Општина Центар, во овој дел прво почна да се гради големиот станбено-деловен објект спроти „Ист гејт“ по што се редеа одобренија за згради со приземје, 5 ката и поткровје, како што впрочем предвидува урбанистичкиот план.

Имено, во далечната 2010 година прво е донесен ДУП-от „Крњево 1- урбан блок 1“, кој го опфаќа и регулира кампусот на УКИМ. За делот од Универзитетот кон булеварот Беласица и „Ист гејт“, каде што има(ше) претежно мали куќи од збиен карактер, пак, Советот на Општина Центар во 2012 година го донесе ДУП-от „Крњево 2“, кој предвидува изградба на повеќе станбени објекти и блокови, од кои дел веќе се градат, а други чекаат инвеститори и дозвола.

Арно ама, општинскиот Совет во 2023 година изгласа нов ДУП „Крњево 2 – Градска Четврт ЦС 07“, кој донесе одредени измени во просторот од булеварот Беласица кај „Ист гејт“ до средишниот дел на маалото. За останатиот дел во правец кон УКИМ, каде што се наоѓаат блоковите 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11, како што говорат официјално објавените информации од локалната самоуправа, останаа да важат правилата и параметри од стариот ДУП.

– Подобрени се урбанистичките решенија и, за разлика од стариот план, во овој зголемено е растојанието меѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо 1, воведовме 2 влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица – своевремено порача центарскиот градоначалник Горан Герасимовски, додавајќи дека развиената површина на објектите за домување е намалена за 35 отсто.

Уште пред неколку месеци, „Фокус“ побара одговор од Општина Центар колку одобренија за градба досега се издадени врз основа на урбанистички план за Крњево – за каков вид на објекти се издадени одобренијата за градење, како и на кои лица/субјекти им се издадени? Досега, не добивме никаков одговор, па затоа извршивме теренска проверка, која покажа дека моментално тече изградба на повеќе објекти, при што некои се во фаза на карабинa, а други се безмалку готови.

Поточно, од увидот што го извршивме на лице место произлегува заклучок дека на мал простор од околу 95 илјади квадратни метри, колку што изнесува површината на Крњево според мерењето со помош на алатка во системот на Катастарот на недвижности, моментално се градат 9 објекти за колективно домување. Покрај останатите, меѓу инвеститорите се јавува и друштвото „Лутарико“, кое се споменуваше и во контекст на носењето на ДУП-от „Баруната“, бидејќи токму оваа компанија е иницијатор за изработка на планот и воедно поседува земјиште во рамки опфатот.

Зошто се турка ДУП за изградба на „хациенди“ на Водно, и покрај тврдењата за незаконие и опасност од ерозија?!

Влатко Стојановски

Слични вести