Двојна наплата на здравствени услуги. Операција на очи еднаш услагата ја плаќал Фондот, а вторпат самиот пациент. И ова се правело масовно.
Овие детали за денешната акција во рамки на истрага за финансиски криминал ги објави министерот за здравство, Сашо Клековски, кој кажа и дека опфатени се прекршоци од различни водиви но овој бил најмасовен.
Одговорајќи на новинарско прашање рече дека токму тој бил иницијатор на истрагата бидејќи станувало збор за Здравствена установа која повеќе пати сторувала прекршоци, но не била казнувана.
-Значи, не е еднаш, двапати, трипати. Туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не било соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци да прифати да се раскине договорот со таа Здравствена установа за да се прекина ланецот на неказнивост. И истовремено побарав да се отвори истрага заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравство кој напорно работеше да се завршат сите работи, рече Клековски.
Говорејќи за самата истрага во рамки на здравствените власти, Клековски рече дека вклучени биле и повеќе здравствени институции.
-Беа вклучени и други, беа вклучени и ДСЗИ и Агенцијата за лекови и други установи за од сите аспекти да се затвори истрагата. Благодарам на истрајноста на вработените во Министерството за внатрешни работи на завршената работа, рече Клековски.
Во истрагата опфатени се три лица вработени во Фондот за здравство и две во приватна Клиника, односно Санте Плус.
Според неофицијални информации, штетата на Буџетот од шемата на оваа приватна здравствена установа е над 1,5 милиони евра. Противправната стекната материјална корист за болницата се проценува на околу 4 милиони евра, а оштетени биле голем број пациенти.
Меѓу пријавените, според медиумските информации, е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување.
Од МВР официјално информираат дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вршат претреси на повеќе локации низ државата во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравствениот сектор. Од Министерството најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана по целосното завршување на акцијата.