Пратениците од власта го одбија амандманот на СДСМ со кој се предлага зголемување на средствата за плати и придонеси, со цел да се обезбедат финансиски услови за зголемување на минималната плата на околу 22.000 вработени кај буџетските корисници.
Амандманот го образложи пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која се разгледува Буџетот за 2026 година.
Со амандманот се предлага зголемување на средствата за основни плати од 35.329.806.000 на 35.817.786.000 денари, како и зголемување на средствата за придонеси за социјално осигурување од 14.590.095.000 на 14.726.489.000 денари.
Битиќи посочи дека зголемувањето на платите е неопходно поради постојаниот раст на трошоците за живот и поскапувањето на храната, енергијата, превозот и другите основни потреби, кои особено ги погодуваат граѓаните со најниски примања.
„Буџетската политика треба да обезбеди конкретен одговор на потребите на работниците, а не да се сведе исклучиво на планирање на приходи и расходи”, истакна Битиќи, нагласувајќи дека трудот на вработените во јавниот сектор треба соодветно да се вреднува.
Средствата за зголемување на платите, според предлогот на СДСМ, требаше да се обезбедат преку пренамена на дел од средствата предвидени за капитални расходи. Битиќи посочи дека, според проценките реализацијата на капиталните расходи до крајот на годината нема да надмине 75 проценти и оцени дека предложената прераспределба нема да предизвика штета во овој сегмент од Буџетот.
Тој нагласи дека вработените кои ги извршуваат јавните услуги треба да имаат примања со кои полесно ќе се справуваат со растечките животни трошоци, а соодветното планирање на средствата за плати е важно и за нивната финансиска сигурност и за стабилното функционирање на јавните институции.
„Нашиот став е дека вработените кои ги извршуваат јавните услуги треба да имаат соодветно вреднуван труд и примања што ќе им овозможат полесно да се справат со растечките животни трошоци. Со овој амандман бараме да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата на околу 22.000 вработени кај буџетските корисници. Сведоци сме на постојано поскапување на храната, енергијата, превозот и сите основни потреби, а тоа особено ги погодува граѓаните со најниски плати. Сметаме дека Буџетот треба да одговори на реалните потреби на работниците, а не само да ги планира приходите и расходите. Затоа предложивме средствата да се обезбедат преку пренамена на дел од капиталните расходи, имајќи го предвид нивото на нивната реализација. Трудот на вработените во јавниот сектор мора соодветно да се вреднува и дека државата треба да обезбеди услови за достоинствени примања и полесно справување со растечките трошоци за живот.” , потенцираше Битиќи.