Фирми профитираат иако немаат вработени, а должат милиони на УЈП

by irena 10:28
10:28

 Управата за јавни приходи ја објави септемвриската листа на најголеми должници, на која се најдоа вкупно 5.240 правни и физички лица со неподмирени обврски од речиси 222 милиони евра. Од нив, на најновата листа на должници што ја објавува УЈП, 2.008 се правни, а 3.232 физички лица, а најголемите неплатени обврски се по основа на даноци и придонеси.

За еден месец е зголемен и бројот на должниците и неподмирениот заостанат долг. Според УЈП, на листата се регистрирани дополнителни две фирми и 38 граѓани. Овие две фирми, заедно со граѓаните, генерирале долг кон УЈП во висина од 7,3 милиони евра.

Оваа должничка листа се однесува на долговите што требало да се подмират до 31 мај, но не биле регулирани ниту до 31 август. Се работи за обврски што произлегуваат од ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

Но, како фирма со нула или еден вработен може да направи милионски промет? Бројот на вработени сам по себе не е доказ дека фирмата не работела. Компанијата може да  увезува и препродава стока, да работи преку подизведувачи, да користи услуги од други компании или да има сопственик што не е формално вработен, да има голем промет со мал број вработени (најчесто во логистика), да престане да работи откако ќе настане даночниот долг и да го префрли имотот на друг субјект.

ПРОФИТИ БЕЗ ВРАБОТЕНИ И ИСПУМПАН ДДВ

 Во интервјуто од август 2026 година, директорката на УЈП, Елена Петрова објаснува дека ризик-профилот на секој даночен обврзник се прави преку повеќе индикатори, како што се пријавен промет, податоци од други извори, ДДВ-ефекти, залихи, број на вработени, профитни и даночни стапки, профил на набавувачи и историја на даночна усогласеност.

Необичната комбинација од голем профит во фирма со мал број на вработени е дел од ризик профилот на секоја компанија, но само по себе не е незаконско работење, освен ако надлежните институции не го утврдат спротивното.

Постојат реални фирми, но кои останале без ликвидност и не можеле да го платат ДДВ-то, кое се плаќа квартално. Постојат и „мртви“ компании што прават долг, престануваат да функционираат и немаат имот од кој државата може да наплати. Такви компании се меѓу најголемите должници на листата на УЈП, а „Фокус“ направи проверка на најголемите 100 должници на листата.

Трет најголем должник е Лисав Компани ДООЕЛ, од Општина Бутел, која должи над 440 милиони денари.

Дианита од Струмица сега е на четврта позиција, со долг од 378 милиони денари, односно нешто над шест милиони евра долг само за ДДВ.

Преку оваа фирма лани биле свртени 182 милиони евра, односно за 210 отсто повеќе приходи отколку за една година претходно, а притоа била прикажана загуба од нешто повеќе од 700.000 евра. Сопственик е извесен струмичанец Драги Механџиски, а компанијата располага со три складови за трговија на големо со текстил, од кои два во Кисела Вода и еден во Струмица. До 7 јули, „Дианита“ била 511 дена под блокада на УЈП, од каде што до тогаш биле испратени 23 извршни решенија во вредност од 5,65 милиони евра.

Обвинителството за гонење организиран криминал минатиот месец објави дека оваа фирма е поврзана со мрежата на компании на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кои од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ.

Следна е ПИНЕ Груп ДООЕЛ Скопје, фирма која е блокирана од УЈП три години, а должи 332 милиони денари или 5,5 милиони евра и УЈП извести дека во тек е присилна наплата на парични средства.

Струмичката фирма Гимаши Компани ДООЕЛ Скопје должи 295 милиони денари по сите основи.

Чешката фирма, СГСМ оил и гас сервис, односно нејзината подружница, чија основна дејност е трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење, должи на УЈП четири милиони евра, речиси сите по основ на ДДВ.

Уште една фирма на бизнисменот Крмзов од Струмица, Минтикос Текстил ДООЕЛ, е должник на УЈП со околу 3 милиони евра, а не поседува движен или недвижен имот за да може да се наплати.

Абира Плус дооел од Куманово има долг од нешто помалку од три милиони евра. Кумановската компанија Абира плус до 2018-та била во сопственост на Трајче Заев, братучедот на поранешниот премиер Зоран Заев.

На листата на најголеми должници веќе ја нема „Дивелоп Груп“, која пред четири месеци должеше над 2 милиони евра. Фирмата во која косопственик е Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, веќе го платила долгот и не е на листата на УЈП.

О.К.

Слични вести