Студентски оброк со ист износ три години, нејасни критериуми за оценување, домови без основни услови, нема бесплатен јавен превоз за студентите од другите градови, но има доцнење на стипендиите и административен хаос. Ова се дел од проблемите кои се провлекуваат при остварувањето на студентските права, укажува платформата „Студентарија“, која изминатиов период спроведе сеопфатна анализа на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите во земјава.
Анализата покажала шест области во кои проблемите се највидливи, а меѓу најчесто пријавуваните е субвенционираниот студентски оброк. Иако износот на оброкот изнесува 140 денари дневно, тој не е зголемен ниту еднаш од 2023 година и покрај законската обврска за негово усогласување со инфлацијата, тврдат од платформата.
Во однос на превозот, најголем дел од поплаките се однесувале на зголемените цени на меѓуградскиот транспорт и недостигот од поволности за студентите. Дополнителен проблем претставува и немањето бесплатен превоз за студентите од останатите градови ширум земјата.
За шест месеци, преку независната студентска платформа биле доставени над 717 пријави, а повеќе од 1.200 студенти дополнително гласале за пријавените проблеми. Посебно чувствителни се и пријавите поврзани со односот на професорите кон студентите, начинот на спроведување на испитите и критериумите за оценување.