(Видео) Венко Филипче: „Вучиќ беше командант, ментор на Мицкоски!“

by jadranka 15:01
15:01

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека моделот на владеење на српскиот претседател Александар Вучиќ бил пресликан во Македонија преку политички, бизнис- и медиумски врски со власта на Христијан Мицкоски.

На денешната прес-конференција, Филипче оцени дека политичките промени во регионот го ослабуваат, како што го нарече, „балканскиот криминален октопод“ и порача дека следуваат разврски за поврзаностите за кои тврди дека ја одржуваат актуелната власт.

„Практично, ВМРО е помала, приврзок партија на нивната сестринска СНС од Србија. Александар Вучиќ му беше менторот, командантот, тој што даваше насоки како да функционира Христијан Мицкоски тука, кај нас“, рече Филипче.

Тој нагласи дека пораките за случувањата во Србија се однесуваат на демократските промени во регионот и на слабеењето на политичките, бизнис- и медиумските врски за кои тврди дека ја поддржуваат власта во Македонија.

Филипче се осврна и на енергетскиот сектор, посочувајќи ги врските со „Руднап“, трговијата со електрична енергија, министерката Сања Божиновска и Душан Адамовиќ. Тој побара премиерот Мицкоски да даде објаснување за своите релации со Адамовиќ, како и за прашањата што ги отвори во врска со овие деловни односи.

Лидерот на СДСМ го спомена и влезот на „Алта банка“ и ширењето на српските медиуми во Македонија, оценувајќи ги како дел од поширока мрежа на влијание. Според него, и поделбите во опозицијата се дел од моделот на владеење што го поврзува со Вучиќ.

Филипче порача дека, доколку СДСМ дојде на власт, ќе се бори против корупцијата и ќе бара одговорност за сите, без оглед на партиската припадност, како и враќање на парите за кои тврди дека биле украдени од државниот буџет.

 

Слични вести